ВЛЕН со обвинувања кон ДУИ: Беџети си замина, Јашари го наследи, а прашањето за правосудниот испит на албански јазик остана нерешено

Коалицијата ВЛЕН упати остри критики кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја дека со години не успеала да обезбеди полагање на правосудниот испит на албански јазик, и покрај тоа што Министерството за правда подолг период било раководено од кадри на партијата.

Од ВЛЕН велат дека проблемот не се решава со, како што наведуваат, „врева и манипулации“, туку со конкретни решенија и политичка волја.

„Министерството за правда премина од еден кадар на ДУИ кај друг. По Блерим Беџети, кој беше министер повеќе од илјада дена, дојде Аднан Јашари. Имаше мандат, имаше надлежности и институционални механизми, но немаше волја да го реши проблемот на албанските студенти“, наведуваат од ВЛЕН.

Според нив, ДУИ со години ги оставала студентите без решение за полагање на правосудниот испит на мајчин јазик, додека, како што тврдат, системот функционирал поинаку кога станувало збор за лица блиски до партиското раководство.

Во соопштението се посочува и случајот со синот на Талат Џафери, за кој ВЛЕН тврди дека во периодот кога министер бил Аднан Јашари го положил правосудниот испит иако сè уште не бил дипломиран.

„За албанските студенти немаше решение на албански јазик, но за синот на функционер на ДУИ системот функционираше без проблем. За своите луѓе наоѓаа начин, додека проблемите на граѓаните ги оставаа нерешени“, се наведува во реакцијата.

Од ВЛЕН сметаат дека поранешниот министер за правда Аднан Јашари треба јавно да објасни зошто во својот мандат не го решил ова прашање.

Коалицијата порача дека актуелно работи на трајно решавање на проблемот и најави дека полагањето на правосудниот испит на албански јазик е само првиот чекор.

„Правосудниот испит на албански јазик е само почеток. Нашата цел е сите професионални испити да можат да се полагаат и на албански јазик. Албанците повеќе не сакаат празни ветувања и политички пресметки, туку конкретни решенија“, порачуваат од ВЛЕН.

Од коалицијата додаваат дека студентите имаат реални проблеми кои бараат институционален одговор, оценувајќи дека времето на одложувања и политички калкулации треба да остане во минатото.

Scroll to Top