Србија од јуни годинава ќе започне со производство на хуманоидни роботи и со тоа ќе стане првата европска држава која ќе има организирано производство на ваков тип напредни роботи, најави првиот потпретседател на Владата и министер за финансии, Синиша Мали.
Во гостување на телевизија Прва, Мали соопшти дека во почетната фаза во Србија ќе се произведуваат меѓу 1.000 и 2.000 хуманоидни роботи годишно, што претставува еден од најамбициозните технолошки проекти во регионот.
Според него, роботите ќе бидат една од главните атракции на специјализираната меѓународна изложба „Експо 2027“, која ќе се одржи во Белград.
„Ова е само првата фаза. Следува центар за обука каде роботите ќе учат различни задачи. Веќе видовте како играат оро. Роботите учат и напредуваат. Затоа вештачката интелигенција е исклучително важна – тие ќе можат да работат како шанкери, рецепционери во хотели, како и во различни сегменти на индустријата, вклучително и во воениот сектор“, изјави Мали.
Тој нагласи дека интеграцијата на вештачката интелигенција во работата на роботите ќе овозможи нивно постојано усовршување и проширување на способностите.
„Како што роботите учат, така учиме и ние. На тој начин стануваме попродуктивни, поконкурентни и подготвени за иднината. Токму тоа е големата развојна шанса за Србија“, додаде министерот.
Мали зборуваше и за неодамнешната посета на српската делегација на Кина, предводена од претседателот Александар Вучиќ, оценувајќи ја како историски значајна за идниот развој на државата.
Тој истакна дека резултатите од посетата ќе се чувствуваат во наредните години и децении, особено во сферата на економската и технолошката соработка меѓу двете земји.
„Најсилен впечаток остави вниманието што нашата делегација го доби од кинеските домаќини. Кога во Пекинг гледате српски знамиња покрај кинеските, тоа е чувство на гордост што тешко може да се опише“, рече Мали.
За време на посетата, српската делегација имала средби со кинескиот претседател Си Џинпинг, како во поширок така и во потесен формат, а Мали оцени дека доделувањето на Орденот за пријателство на претседателот Вучиќ е уште една потврда за силните односи меѓу Белград и Пекинг.
Со најавата за производство на хуманоидни роботи, Србија се позиционира како една од земјите во Европа која сериозно инвестира во роботика и вештачка интелигенција, области кои се сметаат за клучни двигатели на глобалниот технолошки развој во наредните децении.






