Охридското Езеро и натаму се соочува со сериозен проблем со загадувањето, а количините отпад што секојдневно се извлекуваат од неговото дно се загрижувачки. Нуркачите и волонтерите кои денеска учествуваа во акција за чистење во реонот на селото Калишта предупредуваат дека на дното има толку многу отпад што со него би можел целосно да се опреми еден двособен стан.
Автомобилски гуми, градежен шут, пластични столови и маси, како и големи количини стаклена амбалажа се само дел од предметите кои редовно се извлекуваат од езерото. Според нуркачите, значителен дел од отпадот завршува во водите директно од брегот или од пловни објекти.
Локалните нуркачки клубови велат дека при секоја нивна акција за чистење се соочуваат со огромни количини отпад, дури и на локации кои важат за туристички атракции и најпосетувани делови од крајбрежјето.
Како особено критична точка се посочува делот кај Радожда, кој според нуркачите е меѓу најзагадените подрачја во езерото.
Во денешната еколошка акција во Калишта, покрај домашните нуркачи, учествуваа и гости од Србија и Хрватска, кои испратија порака дека природно богатство како Охридското Езеро заслужува максимална грижа и заштита.
Поддршка за иницијативата дадоа и претставници од туристичкиот сектор, кои сметаат дека зачувувањето на езерото е од суштинско значење за иднината на туризмот во регионот.
Акцијата се реализираше под мотото „Нов живот за езерото“, а ја организираа Клубот за подводни активности „Езерски Пулс“ и Нуркачкиот клуб „Скаут“ од Струга.
Покрај нуркачите и еколошките активисти, во чистењето учествуваа и голем број волонтери, млади луѓе и граѓани кои помогнаа во собирањето, селектирањето и отстранувањето на отпадот извлечен од езерското дно.
Организаторите апелираат до граѓаните и посетителите да покажат поголема грижа кон природата и да не дозволат едно од најстарите и највредни езера во Европа да продолжи да се претвора во депонија.






