Тејлор Свифт официјално влезе во историјата како најбогатата музичарка на сите времиња, откако нејзиното богатство достигна неверојатни 2 милијарди долари, објави престижниот магазин „Форбс“.
Новата проценка беше објавена во рамки на листата „Иконокласт 50“, која ги издвојува највлијателните личности во светот на бизнисот, технологијата, медиумите, забавата и филантропијата.
Најголем придонес за нејзиниот финансиски подем има историската концертна турнеја „Ерас“, која се одржуваше во текот на 2023 и 2024 година и стана најуспешната турнеја во музичката историја со заработка од дури 2,2 милијарди долари. Покрај спектакуларните концерти, огромен успех постигнаа и албумите „The Tortured Poets Department“ и „The Life of a Showgirl“, како и повторно снимените верзии на нејзините постари изданија.
Свифт пред неколку години го привлече вниманието на целата музичка индустрија кога реши повторно да ги сними своите први шест студиски албуми, откако ги загуби правата врз оригиналните мастер-снимки. Наместо да се помири со ситуацијата, таа започна амбициозен проект под називот „Taylor’s Version“, со кој повторно ја презеде контролата врз сопствената музика и приходите од неа.
Според „Форбс“, овој потег не само што ѝ донесе огромен финансиски успех, туку стана пример за многу музичари во борбата за авторските права и сопственоста врз нивните дела. Благодарение на заработката од турнејата, Свифт подоцна успеала да ги откупи и оригиналните мастер-снимки за сума која се проценува на околу 360 милиони долари.
Од кантри пејачка која дебитираше како тинејџерка, Тејлор Свифт прерасна во глобален музички феномен, чии албуми редовно поставуваат рекорди на светските топ-листи. Нејзиното влијание одамна ги надмина рамките на музиката и се прошири во модата, поп-културата и современиот шоубизнис.
Иако сега е најбогатата жена во музичката индустрија, таа сè уште не е најбогатиот жив музичар во светот. Таа титула и понатаму му припаѓа на Џеј-Зи, чие богатство според проценките изнесува околу 2,8 милијарди долари.
Во меѓувреме, Свифт продолжува да го освојува светот со нови проекти. Наскоро ќе ја објави песната „I Knew It, I Knew You“, создадена за анимираниот филм „Приказна за играчките 5“, а следната недела ќе биде примена во Куќата на славните на текстописците.
Американските медиуми воедно шпекулираат дека ова лето би можело да биде посебно и на приватен план за музичката ѕвезда, бидејќи се очекува нејзина венчавка со НФЛ-ѕвездата Тревис Келси.






