Светското првенство уште не започнало како што треба, а меѓу навивачите веќе избувна вистинска бура од реакции. Причината овојпат не е фудбалот, туку цените на пијалоците на стадионите, кои многумина ги нарекоа „легален грабеж“.
Англиските навивачи, познати по тоа што без двоумење го кажуваат своето мислење, веќе негодуваа поради скапите патувања, цените на билетите и високите температури. Но, најновиот шок ги дочека на шанковите на стадионот AT&T во Далас, каде Англија го игра својот прв натпревар против Хрватска.
По мечот меѓу Холандија и Јапонија, на социјалните мрежи се прошири фотографија од официјалниот ценовник, а бројките веднаш предизвикаа лавина од коментари.
Според објавените информации, една кригла стандардно американско пиво чини 15,95 долари. За љубителите на увозни и крафт пива цената е уште повисока – 16,95 долари.
Најголем шок предизвика цената на точеното пиво, кое се продава за дури 18,50 долари по чаша, односно речиси 14 британски фунти.
Но, не се само алкохолните пијалоци причина за револт. Навивачите останаа запрепастени и од цените на безалкохолните пијалоци.
Безалкохолно пиво чини 16,95 долари, додека шише вода од половина литар се продава за 8,25 долари. Газираните сокови и спортските пијалаци достигнуваат цена од 8,50 долари.
Токму цената на водата предизвика најголемо негодување, особено поради високите температури во Тексас и фактот дека станува збор за основна потреба за посетителите на стадионот.
Социјалните мрежи веднаш беа преплавени со критики.
„Цените се шокантни, но за жал не се изненадување“, напиша еден корисник.
„Вода за повеќе од осум долари? Тоа е криминал“, коментираше друг.
Трет едноставно порача: „17 долари за пиво? Неверојатно!“
Некои навивачи ја опишаа ситуацијата како „грабеж сред бел ден“, додека други иронично забележаа дека и покрај цените, трибините и шанковите веројатно ќе бидат преполни.
Сепак, имаше и такви кои сметаат дека ваквите цени се очекувани за еден од најголемите спортски настани во светот.
„Скапо е, но отприлика тоа се цените што ги очекувате на голем стадион за време на Светско првенство“, гласи еден од коментарите.
Високите цени на храната и пијалоците со години се тема на големите спортски натпреварувања, но судејќи според реакциите, ова Светско првенство би можело да остане запаметено не само по фудбалот, туку и по рекордно скапото пиво и вода на трибините.






