Илјадници македонски туристи кои секое лето со часови чекаат на граничниот премин Евзони годинава би можеле да се соочат со значително пократки задржувања. Грчките власти најавија проширување на инфраструктурата на еден од најфреквентните гранични премини на Балканот, со цел да се намалат гужвите во шпицот на туристичката сезона.
Според информациите од Грција, во тек е поставување на нови сообраќајни ленти и дополнителни модуларни контролни пунктови кои треба да овозможат побрз проток на патници и возила при влез и излез од земјата.
Евзони е главната влезна точка за туристите од Македонија, Србија и останатите земји од регионот кои патуваат кон грчките летувалишта на Халкидики, Олимписката ривиера, Солун и јужниот дел на земјата.
Во изминатите години, особено за време на викендите и во екот на летната сезона, на преминот често се создаваа колони долги неколку километри, а чекањата знаеја да траат и по неколку часа.
Со новите мерки, грчките власти очекуваат значително подобрување на протокот на сообраќај и намалување на времето потребно за гранични контроли.
Проширувањето на капацитетите доаѓа во пресрет на летната сезона, кога низ Евзони дневно минуваат десетици илјади патници.
Надлежните сметаат дека дополнителните контролни ленти ќе овозможат побрзо обработување на возилата и ќе помогнат да се избегнат сцените на долги колони кои секое лето стануваат редовна појава на македонско-грчката граница.
Покрај граничниот премин, возачите треба да бидат внимателни и на автопатот кон Гевгелија.
Во изминатиот период беа поставени пет нови камери за автоматско мерење на брзината на најфреквентната делница која води кон граничниот премин Евзони.
Надлежните институции апелираат до граѓаните да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајните прописи за да избегнат казни и непотребни проблеми за време на патувањето.
Според туристичките агенции, интересот за летување во Грција и оваа година е исклучително голем, а се очекува бројот на туристи од Македонија да биде меѓу највисоките во последните години.
Токму затоа, подобрувањето на условите на преминот Евзони се смета за важен чекор кој може значително да го олесни патувањето кон омилените грчки дестинации.





