Ohrid Wine Festival Vol. 5 и втората вечер донесе силна посетеност, раздвиженост и атмосфера што го претвори Кеј Македонија во едно од најживите места во Охрид.

Публиката пристигнуваше во текот на целата вечер, а просторот покрај езерото беше исполнет со музика, дегустации, средби и летна енергија.

Вториот фестивалски ден покажа дека интересот за настанот не само што продолжува, туку и дополнително расте. Посетителите уживаа во македонски вина од домашни винарии и производители, гастро понуда и програма што ја задржа атмосферата до доцните часови. Вечерта ја одбележаа настапите на Брос Марама, Ѓоко Ѓорчев со Кате Танева, Куку Леле и Пауза за ракија.
Покрај музичката програма, фестивалот и оваа година останува посветен на промоцијата на македонските вина и домашното производство. Кеј Македонија во изминатите две вечери беше место каде што посетителите имаа можност да дегустираат различни домашни етикети, да се запознаат со винската понуда и да бидат дел од настан што ја надополнува летната содржина на градот.

Фестивалот продолжува оваа вечер со завршната програма на Кеј Македонија. Фестивалското дружење започнува во 19:00 часот, а музичката програма од 20:00 часот продолжува со настапите на Солзи и Смеа, DJ Fic, Битолски камерен оркестар и Суперхикс, со што ќе биде заокружено петтото издание на Ohrid Wine Festival.
Организаторите упатуваат покана до охриѓани, туристите, посетителите и сите љубители на виното, музиката и летната атмосфера да бидат дел од последната фестивалска вечер.
Ohrid Wine Festival Vol. 5 се одржува од 25 до 27 јуни на Кеј Македонија во Охрид.






