Сончаница или топлотен удар? Еве како да ги препознаете опасните симптоми и кога мора веднаш да побарате лекарска помош

Екстремно високите температури што деновиве ја зафатија земјава значително го зголемуваат ризикот од сончаница и топлотен удар – две сериозни состојби кои можат да имаат опасни последици по здравјето доколку не се препознаат и не се третираат навреме.

Иако често се мешаат, топлотниот удар и сончаницата не се исто. Топлотниот удар може да се појави и без директно изложување на сонце, особено при висока влажност на воздухот, кога организмот не може ефикасно да се разлади преку потење.

Што е топлотен удар?

Топлотниот удар настанува кога природниот механизам за регулирање на телесната температура престанува да функционира. Во услови на високи температури и зголемена влажност, потта не испарува доволно брзо, па телото не успева да се олади.

Особено изложени на ризик се:

  • постарите лица,
  • малите деца,
  • лицата кои работат на отворено,
  • хронично болните,
  • лицата со дехидратација.

Недоволниот внес на течности, консумирањето алкохол, кафе и некои лекови дополнително го зголемуваат ризикот.

Симптоми на топлотен удар

Симптомите можат да бидат различни, но најчесто се јавуваат:

  • силна главоболка,
  • многу висока телесна температура,
  • врела и сува кожа,
  • вртоглавица,
  • гадење и повраќање,
  • забрзано дишење и пулс,
  • конфузија и дезориентација,
  • замор и слабост,
  • нарушување на видот,
  • зуење во ушите,
  • халуцинации,
  • губење на свеста.

Во потешките случаи состојбата може да биде животозагрозувачка и бара итна медицинска интервенција.

Кога веднаш да побарате лекарска помош?

Лекарска помош е неопходна ако:

  • телесната температура не се намалува и покрај разладувањето,
  • лицето изгуби свест,
  • е конфузно и тешко комуницира,
  • постојано повраќа,
  • станува сè поизнемоштено.

Што треба да направите?

Доколку се сомневате на топлотен удар:

  • веднаш повикајте Итна медицинска помош;
  • преместете го лицето во ладна просторија или сенка;
  • соблечете ја вишокот облека;
  • разладувајте го телото со ладна вода;
  • ставете ладни облоги или мраз на препоните, пазувите и вратот;
  • подигнете ги нозете;
  • ако лицето е свесно, дајте му вода или раствор за рехидратација.

Во потешките случаи може да биде потребна интравенска инфузија и болничко лекување.

Како да спречите топлотен удар?

Експертите препорачуваат:

  • пијте многу вода;
  • избегнувајте кафе, алкохол и засладени пијалаци;
  • внесувајте електролити ако многу се потите;
  • носете лесна и светла облека;
  • избегнувајте физички напор во најтоплиот дел од денот;
  • носете шешир и очила за сонце;
  • никогаш не оставајте деца, постари лица или домашни миленици во автомобил;
  • престојувајте во климатизирани или добро разладени простории кога температурите се екстремно високи.

Што е сончаница?

Сончаницата настанува поради долго изложување на главата и тилот на директно сонце.

Во такви услови телото испраќа поголема количина крв кон мозокот за да го разлади, што доведува до ширење на крвните садови и појава на симптоми слични на потрес на мозокот.

Во потешките случаи може да дојде до губење на свеста, па дури и кома.

Како да постапите при сончаница?

Лицето треба веднаш да се премести во сенка или разладена просторија, постепено да се разладува со вода и ладни облоги на главата и тилот, редовно да се мери телесната температура и да внесува ладни течности.

Не се препорачува консумирање алкохол или кафе.

Ако се појават губење на свеста, силна конфузија или изразена поспаност, неопходно е веднаш да се повика лекар.

Со оглед на тоа што според метеоролозите и во наредните денови се очекуваат температури над 35 степени, лекарите апелираат граѓаните сериозно да ги сфатат препораките и да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот.

Scroll to Top