Ентони Хопкинс влегува во светот на музиката со албум создаван шест децении (ВИДЕО)

Легендарниот актер Сер Ентони Хопкинс ќе објави музички албум со композиции на кои работел во период од дури 60 години. Тој потпиша договор со издавачката куќа „Decca Classics“, а албумот насловен „Животот е сон“ ќе биде објавен следниот месец.

Првиот сингл од проектот, „Bracken Road“, беше објавен во петокот и претставува само дел од долгогодишната музичка приказна на славниот актер.

„Музиката беше мојата првобитна желба. Компонирам музика целиот мој живот“, изјави Хопкинс.

Како што објасни, дел од композициите се со него со децении и сè уште повремено им се навраќа.

„Некои од тие дела живеат со мене со децении и сè уште понекогаш се враќам на нив. Целиот мој живот е сон“, додаде актерот.

Голема чест и соработка со врвни музичари

Хопкинс изјави дека потпишувањето договор со „Decca“ претставува една од најголемите почести во неговиот живот. Посебно ја истакна соработката со Британскиот филхармониски оркестар, како и со солистите, виолончелистот Грегорио Нието и пијанистот Серџо Тиемпо.

Најдлабока благодарност и почит упати до маестро Густаво Дудамел, нагласувајќи дека неговата вештина била неопходен дел од музичкото патување.

Според Хопкинс, Дудамел со прецизноста на своето диригирање ѝ дал ново и длабоко значење на секоја нота, создавајќи музички пејзаж кој го повикува слушателот да почувствува и да замисли нешто лично и уникатно.

Музиката на Хопкинс, изведена под диригентската палка на добитникот на Греми, Густаво Дудамел, со Филхармонискиот оркестар, во голема мера е инспирирана од неговото детство, семејството и животот во Велс.

„Bracken Road“ ги оживува спомените од детството

Хопкинс е роден во Порт Талбот, а музика компонира уште од детството. Пијано почнал да свири на само четиригодишна возраст.

Првиот сингл „Bracken Road“ е инспириран од неговите спомени од Маргам во Јужен Велс. Композицијата ги оживува улиците, ливадите, полињата и планините кои го опкружувале семејниот дом на Хопкинс во текот на 1940-тите години.

Шефицата на „Decca“, Лаура Монкс, изјави дека за издавачката куќа е голема чест што Сер Ентони Хопкинс станал дел од нивното музичко семејство.

Таа истакна дека новиот албум ја покажува длабочината на неговиот талент и познавањето на класичната музика, кои ги развивал во текот на целиот живот.

Според Монкс, слушањето на композициите на Хопкинс како оживуваат за време на снимањето во Лондон со Густаво Дудамел и Филхармонискиот оркестар било уникатно искуство, а издавачката куќа со нетрпение очекува музиката да ѝ биде претставена на светската публика.

Музичка посвета на Велс и семејството

На албумот ќе се најде и композицијата „Мојата татковина“, преку која Хопкинс повторно се навраќа на своите велшки корени.

Актерот откри дека делото го напишал за да им оддаде почит на своите скромни почетоци.

„Јас сум син на мојот татко пекар“, порача Хопкинс.

И другите композиции на албумот се поврзани со неговите лични спомени. Тие евоцираат слики од Порт Талбот, детските посети кај неговиот дедо, киното кое ја разбудило неговата фантазија, како и сеќавањата на најблиските луѓе во неговиот живот.

Актерска легенда со два Оскари

Покрај својата долгогодишна љубов кон музиката, Ентони Хопкинс останува еден од најценетите актери во светската кинематографија.

Во 1992 година освои Оскар за улогата на Ханибал Лектер во филмот „Молчењето на јагнињата“. Подоцна повторно го играше ликот во „Ханибал“ од 2001 година и „Црвен змеј“ од 2002 година, чија приказна хронолошки им претходи на настаните од претходните филмови.

Вториот Оскар го освои за улогата во филмот „Татко“ на режисерот Флоријан Зелер од 2020 година.

Албумот „Животот е сон“, кој носи композиции создадени во текот на шест децении од животот на Ентони Хопкинс, ќе биде објавен на 21 август.

Scroll to Top