Основачот и извршен директор на „Мета“, Марк Закерберг, верува дека вештачката интелигенција наскоро ќе стане неразделен дел од секојдневниот живот на милијарди луѓе. Според неговата визија, во следните пет години речиси секој корисник ќе има личен AI агент кој ќе ги разбира неговите цели и ќе работи во негово име 24 часа дневно.
Говорејќи за време на кварталниот разговор со инвеститорите, Закерберг изјави дека ваквиот развој на технологијата е речиси неизбежен.
„Мислам дека е исклучително малку веројатно дека за пет години нема да има милијарди луѓе со личен агент кој ги разбира нивните цели и работи во нивно име 24 часа дневно за да им помогне да ги постигнат во која било област што им е важна“, изјави Закерберг.
Според него, овие интелигентни дигитални асистенти ќе можат да им помагаат на корисниците во управувањето со личните финансии, здравјето, меѓучовечките односи, организацијата на секојдневните обврски и водењето на домаќинството.
Закерберг нагласи дека со развојот на ваквите AI агенти, платформите за комуникација ќе добијат уште поголемо значење.
„Како што се движиме кон иднина во која сите ќе комуницираме со повеќе AI агенти, мислам дека WhatsApp и нашите останати платформи за пораки ќе стануваат сè поважни“, рече тој, додавајќи дека WhatsApp веќе е водечката платформа преку која корисниците комуницираат со Meta AI.
„Мета“ не е единствената компанија што вложува во развојот на интелигентни агенти кои можат самостојно да извршуваат задачи во име на корисникот.
„Гугл“ неодамна ги претстави своите персонализирани AI агенти како една од најважните новини во системот за пребарување, иако дел од корисниците реагираа негативно поради сè поголемото присуство на резултати генерирани од вештачка интелигенција.
Во меѓувреме, компанијата „Антропик“ бележи значителен раст на претплатите за својот модел Claude, особено поради големиот интерес за Claude Code – AI асистент за програмирање кој располага со напредни способности за самостојно извршување задачи.
Изјавите на Закерберг јасно покажуваат дека технолошките компании ја гледаат иднината во развојот на лични AI агенти кои нема само да одговараат на прашања, туку активно ќе планираат, организираат и ќе преземаат активности во име на своите корисници.






