Легендарната Витни Хјустон доби своја Барби кукла, со која брендот „Barbie“ ѝ оддава почит на една од најголемите музички ѕвезди во историјата.
Новата кукла е дел од колекцијата „Barbie Signature“, во која досега свои изданија добиле и други светски музички имиња како Дејвид Боуви и Дајана Рос.
Изгледот на куклата е инспириран од Витни Хјустон во култниот музички спот за песната „I Wanna Dance With Somebody (Who Loves Me)“.
Куклата носи розов тесен миди-фустан, шарени обетки и бело-сини потпетици, а препознатливи се и фризурата со шишки од 80-тите години и долгата кадрава коса, карактеристични за изгледот на Хјустон во тој период.

Изданието е претставено по повод приближувањето на 40-годишнината од објавувањето на песната, како и во периодот околу роденденот на Витни Хјустон.
Од „Mattel“ велат дека со куклата сакаат да ја одбележат нејзината огромна оставнина во музиката, забавната индустрија и популарната култура.
„Музиката на Витни Хјустон беше звучна подлога на безброј моменти за обожавателите ширум светот“, изјави Нејтан Бејнард, потпретседател и директор на брендот „Barbie“ во компанијата „Mattel“.
Тој истакна дека „Barbie“ со гордост ѝ оддава почит на нејзината исклучителна кариера и влијание преку најновото издание во колекцијата „Barbie Signature“.
„Оваа кукла го слави нејзиниот препознатлив стил, радост и дух. Се надеваме дека на обожавателите ќе им понуди посебен начин да ја слават уметницата чиј глас и влијание и понатаму одекнуваат ширум светот“, порача Бејнард.
Куклата беше претставена на петтото годишно гала-собирање „Whitney Houston Legacy of Love“, настан што се организира во корист на фондацијата на покојната пејачка, која им помага на младите.
Со ова издание, Витни Хјустон се приклучува на низата музички ѕвезди кои добиле свои Барби кукли.
Меѓу нив се Мајли Сајрус, Кајли Миног, Стиви Никс и Глорија Естефан, како и Тина Тарнер, Елвис Присли, Елтон Џон и Хуан Габриел.
Витни Хјустон стана една од најпродаваните музички изведувачки во историјата на поп-музиката, откако уште како тинејџерка потпиша договор и започна кариера која подоцна ќе ја однесе на врвот на светската сцена.
Зад себе остави огромен број хитови, меѓу кои „How Will I Know“, „Saving All My Love For You“ и нејзината верзија на „I Will Always Love You“, песна која со недели доминираше на светските топ-листи.
Витни Хјустон почина во 2012 година, на 48-годишна возраст.
Новата Барби кукла претставува уште едно признание за нејзиното трајно влијание врз музиката и поп-културата, повеќе од една деценија по нејзината смрт.






