Ен Хатавеј и Хуан Мек Грегор наскоро пристигнуваат на големото платно во необичниот научно-фантастичен спектакл „The End of Oak Street“, а првите реакции од проекциите сугерираат дека приказната за семејство заробено во свет со диносауруси би можела да биде едно од најголемите филмски изненадувања ова лето.
Само неколку дена пред официјалното прикажување во кината, мистериозниот филм конечно го погледнаа првите гледачи, филмски автори, критичари и новинари, а според нивните впечатоци, режисерот Дејвид Роберт Мичел можеби има нов хит.
Филмот, чиј продуцент е Џеј Џеј Абрамс, ги носи Ен Хатавеј и Хуан Мек Грегор во улогите на Дениз и Грег Плат – родители чиј навидум обичен живот преку ноќ се претвора во борба за преживување.
По мистериозен космички настан, нивната улица буквално е откината од предградието и префрлена на целосно непознато место. Семејството многу брзо открива дека таму не е само и дека околината крие сериозни опасности.
Покрај Хатавеј и Мек Грегор, во филмот играат и Мејзи Стела и Кристијан Конвери.
Сценариото и режијата ги потпишува Дејвид Роберт Мичел, авторот на пофалениот хорор „It Follows“.
„The End of Oak Street“ во меѓународна кинодистрибуција тргнува на 12 август, додека во кината во Северна Америка ќе пристигне на 14 август.
„Не гледајте повеќе трејлери“
Меѓу првите што го погледнаа филмот бил и режисерот Едгар Рајт, познат по остварувањата „Shaun of the Dead“ и „Scott Pilgrim vs. the World“.
Тој не го криел воодушевувањето од филмот.
„Навистина уживав во филмот на Дејвид Роберт Мичел. Тоа е многу забавно возење и, иако станува збор за сосема поинаков филм од ‘It Follows’, со него ја дели сличната опсесија со теророт што демне од предградието“, порача Рајт.
Тој особено ја пофалил необичната премиса и атмосферата, која го потсетила на „The Twilight Zone“ и на раните филмови на „Amblin“.
На оние што планираат да го гледаат филмот им дал и конкретен совет.
„Ако планирате да го гледате, престанете да гледате трејлери. Има неколку одлични моменти. Одлично се забавував и се надевам дека и вие ќе уживате. Гледајте го на најголемото можно платно“, напиша Рајт.
Ен Хатавеј меѓу најголемите адути
Според досегашните реакции, еден од најголемите адути на филмот е токму Ен Хатавеј.
Новинарот Брендон Дејвис нејзината изведба ја опиша како целосно посветена, особено во сцените во кои нејзиниот лик се соочува со диносаурусите.
„Дали сè е целосно логично? Можеби и не. Но дали станува збор за чисто, забавно адреналинско возење? Апсолутно. Мислам дека ова е најдобриот филм со диносауруси во последните неколку децении. Дефинитивно е најзабавниот“, порача Дејвис.
Татјана Хулендер од „ScreenRant“ исто така ги издвоила Хатавеј и Мек Грегор, пофалувајќи ја нивната сложена партнерска динамика.
За диносаурусите, пак, истакнала дека во исто време се и страшни и урнебесни.
Таа пронашла и личен фаворит во Старбак, семејното куче, кое го прогласила за свој нов омилен филмски лик.
Публиката останала во шок
Позитивните реакции не запреле тука.
Критичарот Бил Бриа го опишал филмот како возбудлива авантура со препознатлив дух на „Amblin“, но истовремено посочил дека Дејвид Роберт Мичел успеал меѓу големите акциски сцени да внесе и неочекувана доза меланхолија и емоции.
Новинарот Ло Шарма отишол и чекор понатаму, опишувајќи го филмот како „целосно луд“.
„Не беше тоа филмот што го очекував. Беше подобар. Семејството одлично функционира заедно, спектаклот и сцените со диносаурусите се неверојатно забавни, но и навистина страшни. Ен Хатавеј може сè“, порача тој.
Шарма додал и дека завршницата на филмот останува во мислите долго по одјавната шпица.
Можеби најинтригантна е реакцијата на Ентони Морага, кој опишал еден конкретен момент од проекцијата кога целата сала реагирала истовремено.
„Постои еден момент во филмот кога целата сала врескаше, а потоа во секунда целосно се замолчи и сите од шок ги покривме устите. Можеби тоа е еден од десетте најдобри моменти што некогаш сум ги доживеал во кино“, напиша тој.
Не се воодушевиле баш сите
Иако најголем дел од првите реакции се позитивни, не сите гледачи останале подеднакво воодушевени.
Филмскиот критичар Филберт Ди имал нешто повоздржана реакција, но и тој признал дека бил изненаден од тоа колку филмот всушност е страшен.
Според првите впечатоци, „The End of Oak Street“ се обидува да спои семејна драма, научна фантастика, авантура, хорор и спектакл со диносауруси во една необична приказна.
Дали почетниот ентузијазам ќе се потврди и кај пошироката публика, ќе стане појасно веднаш по неговото пристигнување во кината.






