(ВИДЕО) Вистински Бетмен на улиците на Норич: Тргна по крадец и ја врати чантата на сопственичката

Забава со маски во британскиот град Норич добила неочекуван пресврт кога 25-годишниот Сони Мејсон, облечен како Бетмен, забележал дека на жена ѝ била одземена чантата по расправија во ред пред ноќен клуб. Мејсон тргнал по осомничениот, а во потерата му се придружиле и други гости маскирани во ликови од стрипови, меѓу кои Мистер Фантастик и Отровната Ајви.

Групата по пат запрела полициски службеници, а потоа го стигнала осомничениот. Чантата, меѓутоа, веќе не била кај него. По дополнителна информација, потрагата продолжила кон катедралата во Норич, околу 300 метри од местото каде што била одземена. Таму чантата била забележана на врвот на висок ѕид.

Следувале неколку неуспешни обиди да ја симнат, вклучително и еден со ролна тоалетна хартија. На крајот, Мејсон се искачил на ѕидот во костимот на Бетмен, ја дофатил чантата и ѝ ја вратил на сопственичката. Сите нејзини работи биле внатре. Дел од потерата и пронаоѓањето биле снимени, а видеото Мејсон го објавил на Тикток.

Настанот се случил на 19 септември. Полицијата во Норфолк потврдила дека нејзини службеници биле замолени да помогнат во потрагата по исчезнатата чанта и дека таа била вратена со целата содржина. Не соопштила дека осомничениот бил уапсен.

Мејсон, кој живее во Лондон и работи во кафуле, изјавил дека се надева оти случката ќе ги охрабри и другите да помогнат кога ќе видат човек во неволја — со костим или без него.

Scroll to Top