Николоски: Со новиот ATM и радарски систем македонското небо добива највисоки стандарди на безбедност

Со инсталацијата на новиот ATM систем и новиот радарски систем во М-НАВ, Македонија го унапредува системот за контрола и безбедност на воздушниот сообраќај, информира вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Николоски посочи дека поставувањето на новиот ATM систем е од исклучително значење за зголемување на безбедноста, сигурноста и ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај над македонската територија.

Дополнителното значење на инвестицијата, според него, го покажува и зголемениот број прелети над македонското небо. Во првите шест месеци од 2026 година е регистриран раст од повеќе од 12 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Покрај новиот ATM систем, во 2025 година е поставен и нов радарски систем на контролната кула на скопскиот аеродром, кој во моментов е во завршна фаза на тестирање.

„Со воведувањето на овие два системи – ATM системот и новиот радар – целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде на контрола на безбедност“, изјави Николоски.

Според него, модернизацијата на системите во М-НАВ е значаен чекор за следење на зголемениот воздушен сообраќај и обезбедување повисоки стандарди во контролата и безбедноста на македонскиот воздушен простор.

Scroll to Top