Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, кој престојува во официјална посета на Македонија. Во фокусот на разговорите биле енергетиката, инвестициите и примената на современи технологии.
Како што објави Божиновска, Чешката Република е докажан и значаен партнер на Македонија, а целта е традиционално добрите политички односи меѓу двете земји сè повеќе да се претвораат во конкретни проекти, инвестиции, технолошки партнерства и поголемо присуство на чешки компании на македонскиот пазар.

На средбата било констатирано дека постои значителен простор за дополнително продлабочување на соработката, особено во енергетскиот сектор. Посебно внимание било посветено на можностите за чешки инвестиции, како и на размена на експертиза и технологии во областите на енергетската инфраструктура, обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и модернизацијата на енергетските системи.
„Чешка е наш докажан и значаен партнер. Имаме одлична соработка и воспоставени канали на комуникација, а сега целта е да направиме уште еден чекор напред – од размена на искуства кон конкретни проекти, инвестиции и технолошки партнерства“, истакна Божиновска, посочувајќи дека чешкото знаење и искуство може значително да придонесе во енергетската трансформација на Македонија.
Според министерката, економската дипломатија и директното институционално поврзување треба да отворат дополнителни можности и за македонските компании, но и да придонесат за привлекување нови инвеститори од Чешка.
Соработката меѓу двете држави во економијата и енергетиката веќе има конкретна основа. Во март 2025 година Божиновска била копретседавач на Третиот состанок на Мешовитиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република, на кој биле разгледани можностите за зголемување на трговската размена и реализација на проекти од заемен интерес. Во изминатиот период биле воспоставени и директни контакти со релевантни чешки енергетски институции и компании.
На средбата Божиновска–Мацинка било заклучено дека енергетската транзиција, сигурноста во снабдувањето и модернизацијата на инфраструктурата се области од заеднички интерес, со потенцијал соработката да се продлабочи преку конкретни проекти и поголемо вклучување на бизнис-заедниците од двете земји.
„Министерството останува посветено на засилување на меѓународната соработка и реализација на проекти кои ја движат нашата енергетска трансформација напред“, порача Божиновска во објавата.
Средбата, според Министерството, претставува продолжување на традиционално добрите односи меѓу Македонија и Чешка, со сè посилен фокус на инвестиции, современи технологии и конкретни резултати во енергетиката и минералните суровини.






