Проданоски: Монументалните скулптури ќе му дадат нов уметнички и урбан лик на Прилеп

Прилеп добива нова уметничка и урбана димензија преку поддршката на 18-тата Ликовна колонија „Марко Цепенков“ – Дрен, со посебен фокус на создавање монументални скулптури.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека станува збор за значаен проект за градот, бидејќи по повеќе од четири децении во Прилеп повторно организирано се создаваат скулптури од ваков обем.

„Прилеп го градиме со инфраструктура, а го оживуваме со култура, идеи и дела кои оставаат трага“, порача Проданоски.

Според него, особено значајно е што создадените дела нема да останат само во галериски простор, туку ќе бидат поставени во јавниот простор и ќе станат дел од секојдневието на прилепчани и од урбаниот изглед на градот.

Општина Прилеп годинава за првпат обезбедила финансиска поддршка за Ликовната колонија, со што, како што посочува Проданоски, се потврдува определбата градот да се развива не само преку инфраструктурни проекти, туку и преку културата, уметноста и создавањето трајни вредности.

Градоначалникот упати благодарност до уметниците, Центарот за култура и организаторите, како и до менаџментот на Тутунскиот комбинат за соработката и отстапениот простор. Благодарност упати и до Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка.

„Она што го создаваме денес е наследство што ќе остане за идните генерации“, истакна Проданоски.

Со реализацијата на проектот, монументалната уметност повторно добива свое место во Прилеп, а градот преку уметнички дела во јавниот простор добива дополнителна културна и визуелна вредност.

Scroll to Top