Коњановски: Македонските револуционери нè обврзуваат да градиме подобра иднина за новите генерации

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев во дворот на Музејот во Битола беше одбележан 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Почит кон револуционерите и нивното дело оддадоа градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на Општина Битола, Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани.

Во пораката по повод празникот, Коњановски истакна дека организираната борба на македонскиот народ за сопствена држава претставува историско наследство што носи одговорност и за денешните генерации. Нагласи дека почитта кон минатото треба да се изразува и преку посветена работа за напредокот на Македонија.

„Историската борба на македонските револуционери продолжува да биде наш светол пример и обврска за гордо и истрајно чекорење напред, кон храбро надминување на предизвиците и создавање подобра иднина за генерациите кои доаѓаат“, порача Коњановски.

На одбележувањето беше истакнато и значењето на Даме Груев како учител, револуционер и еден од основачите на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година. Неговата дејност во ширењето на Организацијата и создавањето на првите револуционерни комитети има значајно место во поставувањето на основите на Битолскиот револуционерен округ.

Коњановски им го честита празникот на граѓаните, повикувајќи на истрајност, заедништво и одговорен однос кон иднината на државата.

Scroll to Top