Вештакот Марковски: „Состојбата на објектот од декември 2012 не е причина за последиците од пожарот“

Градежните вештаци на денешното рочиште одговараат на вкрстени прашања од одбраната. Во фокусот на испитувањето се наодите во врска со материјалите употребени во објектот, особено полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, како и реконструкциите и интервенциите врз конструкцијата на објектот.

Професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, во својство на вешто лице ангажирано од Јавното обвинителство, одговара на прашањата на одбраната.

Во рамки на неговото испитување, адвокатот го праша Марковски дали се согласува дека состојбата на објектот на денот на неговото издавање под закуп, во декември 2012 година, не е причина за настанување на последиците од пожарот.

Марковски одговори:

„Да, за вакви последици, се согласувам!“

Одговорот беше даден во рамки на вештачењето за причините и последиците од пожарот.

Кои пропусти ги утврдиле вештаците?

На минатото рочиште, според изнесеното во вештачењето, беа посочени повеќе пропусти во однос на објектот и постапките на надлежните институции:

* Не била изготвена соодветна техничка документација.
* Не бил обезбеден стручен изведувач и надзор, немало контрола на квалитет и не биле преземени сите пропишани мерки за заштита од пожар.
* Не бил извршен инспекциски надзор од овластен градежен инспектор.
* Не бил извршен инспекциски надзор од Дирекцијата за заштита и спасување.
* Не било утврдено неисполнување на минимално-техничките услови од страна на Државниот пазарен инспекторат.
* Била издадена согласност од Министерството за внатрешни работи и покрај пропустите во сообраќајното решение.

Испитувањето на вештаците продолжува, а одбраната преку вкрстени прашања се обидува да ги разјасни причините, одговорностите и причинско-последичната врска меѓу состојбата на објектот, подоцнежните интервенции и последиците од пожарот.

Scroll to Top