ВЛЕН: Поставен камен-темелникот за историската врска Скопје–Блаце, Скопје поблиску до Приштина

ВЛЕН соопшти дека денеска официјално започна реализацијата на втората фаза од автопатот Скопје–Блаце, проект кој, според коалицијата, има историско значење за поврзувањето на Северна Македонија со Косово и со регионот.

Станува збор за делница во должина од 10,5 километри, која треба да обезбеди побрза, посигурна и помодерна патна врска кон Косово, а понатаму и кон јадранските пристаништа.

„По повеќе од две децении чекање и ветувања, овој проект конечно станува реалност“, наведуваат од ВЛЕН.

Според објавата, инвестицијата е вредна повеќе од 198 милиони евра, а проектот предвидува изградба на 5 тунели, 8 мостови, 11 подвозници и 4 галерии.

Од ВЛЕН оценуваат дека автопатот Скопје–Блаце е многу повеќе од обичен патен правец.

„Тоа е врска меѓу луѓето, семејствата, бизнисите и економиите, како и конкретен чекор кон европската интеграција на земјата“, се наведува во соопштението.

Коалицијата потенцира дека со реализацијата на проектот Скопје ќе биде поблиску до Приштина, граѓаните поблиску едни до други, а Северна Македонија поблиску до Европа.

„Скопје поблиску до Приштина, граѓаните поблиску едни до други, Северна Македонија поблиску до Европа“, порачаа од ВЛЕН.

Од коалицијата додаваат дека почетокот на изградбата е резултат на, како што велат, владеење кое помалку ветува, а повеќе работи, претворајќи ги стратешките проекти во конкретни дела.

„Со ВЛЕН работата се гледа, резултатите остануваат“, стои во објавата.

Scroll to Top