ВЛЕН: ДУИ 20 години ветуваше, ние денес градиме

Политичката коалиција ВЛЕН упати остри критики до ДУИ, обвинувајќи ја дека по две децении учество во власта се обидува да ги преземе заслугите за инфраструктурните проекти што денес се реализираат.

Од ВЛЕН велат дека разликата меѓу двете политички опции е видлива – додека ДУИ, според нив, со години најавувала автопати, патишта и инвестиции, сегашната власт ги претвора проектите во активни градилишта.

„ВЛЕН не зборува само за проекти, ВЛЕН ги гради“, се наведува во партиското соопштение.

Како примери ги посочуваат изградбата на автопатската делница кон Гостивар, напредокот на поврзувањето кон Кичево, започнатата изградба на автопатското поврзување со Косово и работите на Коридорот 8.

„Она што со години беше цртано на мапи, најавувано на прес-конференции и користено како изборно ветување, денес е претворено во градилиште. Додека ДУИ се фотографира, ВЛЕН работи на терен“, порачаа од коалицијата.

„Ако парите биле обезбедени, зошто проектите не биле изградени?“

Од ВЛЕН реагираат и на тврдењата на ДУИ дека токму поранешната владејачка партија ги обезбедила парите за големите инфраструктурни проекти.

„Ако сè било обезбедено, зошто овие проекти не беа изградени во изминатите 20 години? Каде беа тие пари и зошто западниот дел на земјата остана со тесни патишта, опасни точки, недовршени траси и инфраструктура што не ги задоволуваше потребите на граѓаните?“, прашуваат од ВЛЕН.

Во соопштението се наведува дека додека ДУИ била дел од владите, големите инфраструктурни проекти често завршувале со презентации, тендерски најави и ветувања. Во меѓувреме, додаваат оттаму, жителите на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и на другите општини со мнозинско албанско население со години ги чекале најавуваните инвестиции.

ВЛЕН ги наброја проектите што се реализираат

Од коалицијата велат дека денес се градат булевари во Тетово, се инвестира во новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и се спроведуваат инфраструктурни проекти во Струга.

Дополнително, според ВЛЕН, во општините во кои живее албанско население се градат патишта, канализациски и водоводни мрежи, како и друга локална инфраструктура.

„Багерите се на терен, а ДУИ е на прес-конференции. Тоа е разликата“, наведуваат од ВЛЕН.

Коалицијата обвинува дека ДУИ сега сака да ги преземе заслугите и за проектите што се реализираат во актуелниот период.

„Не е доволно да се каже дека парите биле обезбедени. Парите на хартија не се автопат, проектот во фиока не е булевар, а ветувањето на прес-конференција не е инфраструктура. Граѓаните не патуваат по партиски соопштенија, туку по патиштата што се градат“, порачаа од ВЛЕН.

Од коалицијата заклучуваат дека граѓаните денес можат директно да споредат што им било ветувано во минатото и што реално се гради на терен.

„ДУИ зад себе остави досиеја и ветувања, а ВЛЕН остава патишта, мостови и реализирани проекти“, се наведува во соопштението.

Scroll to Top