ВЛЕН: Македонија ја зајакнува енергетската сигурност и ја намалува зависноста

Северна Македонија и официјално стана дел од вертикалниот гасен коридор, иницијатива која ги поврзува енергетските системи на земјите од Југоисточна и Централна Европа.

Меморандумот во Солун го потпиша директорот на НОМАГАС, Недим Рама. Од ВЛЕН оценуваат дека членството во коридорот отвора нови можности за снабдување со природен гас, намалување на зависноста од една единствена траса и зајакнување на позицијата на земјата во регионалната енергетска мрежа.

„Кризата со енергенсите во изминатите години покажа колку скапа може да биде зависноста од само еден извор или правец на снабдување“, велат од ВЛЕН, посочувајќи дека отворањето нови патишта за снабдување е значајно и за економијата и за енергетската безбедност на земјата.

Од партијата ја поздравуваат работата на Недим Рама и тимот на НОМАГАС, нагласувајќи дека договорите од ваков обем се резултат на долг процес на работа, преговори и координација со партнерите од регионот.

Според ВЛЕН, приклучувањето кон вертикалниот гасен коридор претставува значаен чекор кон поголема енергетска стабилност, диверзификација на снабдувањето и посигурна енергетска иднина за Северна Македонија.

Scroll to Top