Проданоски: Го посетивме археолошкиот комплекс „Старо Бонче“, каде што во изминатите десетина дена интензивно се одвиваа систематски археолошки истражувања.

Имав можност да се запознаам со текот на истражувањата и со досегашните наоди на тимот од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет, предводен од проф. д-р Антонио Јакимовски, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп и археолозите Душко Темелкоски и Оливера Јандреска.
Особено значајни се истражувањата на едно од фронталните паноа, каде што се откриваат остатоци од погребувања од средновековниот период, од XI и XII век. Овие наоди се особено важни бидејќи укажуваат дека оваа локација имала култен карактер и дека била место на почитување од страна на жителите на населбата и во средновековниот период.

„Старо Бонче“ е локалитет од исклучително археолошко, историско и културно значење. Кралската гробница, со своите импозантни димензии, архитектонски елементи и положба на падините на Селечка Планина, сведочи за богатото наследство на просторот и за значењето што оваа област го имала во античкиот период. Конкретно, се претпоставува дека во оваа гробница бил погребан пелагониски владетел од IV век пред нашата ера.

Продолжуваме да ги поддржуваме археолошките истражувања, заштитата и афирмацијата на нашето културно наследство. Наша обврска е да помогнеме овие вредни сведоштва од минатото да бидат истражени, сочувани и претставени пред јавноста, но и да создадеме услови „Старо Бонче“ да го добие заслуженото место на мапата на значајните археолошки локалитети.

Во нашата програма за работа имаме предвидено и веќе работиме на изработка на проектот за изградба на локален пат с. Бонче – с. Старо Бонче – с. Подмол како и рехабилитација на пристапниот пат и пристапот кон кралската гробница. Во понатамошната постапка за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на културното добро, кое што е едно од најзначајните за Општина Прилеп, ќе дадеме целосна поддршка на Заводот и музеј – Прилеп за изведувањето на работите за непосредна заштита. Оваа гробница во иднина ќе биде еден од приоритетите за ставање во функција и на културната мапа на Прилеп.

Само ако го познаваме и чуваме минатото, можеме со гордост да ја градиме иднината.

Scroll to Top