Божиновска: Младите се најголемиот потенцијал на државата – вложуваме во нив, вложуваме во иднината

Македонија има иднина, а нејзината иднина се младите, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по посетата на Машинскиот факултет, каде што беше претставен новиот болид на MES Racing.

Божиновска истакна дека проектот на младите студенти и идни инженери е пример за тоа што може да се постигне кога знаењето, идеите, храброста и истрајноста ќе добијат соодветна поддршка.

„Со гордост го проследив претставувањето на новиот болид на MES Racing – проект зад кој стојат млади студенти и идни инженери кои со месеци создаваат, конструираат, тестираат и учат“, истакна Божиновска.

 

Според неа, ваквите иницијативи се доказ дека Македонија има млади луѓе со знаење, амбиција и капацитет да создаваат свои проекти и да се натпреваруваат со најдобрите.

Министерката порача дека ќе продолжи да ги поддржува иницијативите поврзани со младите инженери, науката и техничкото знаење, оценувајќи дека тоа претставува инвестиција во македонската економија, индустрија и енергетска иднина.

Посебно значење за Божиновска имала благодарницата што ѝ ја доделил тимот на MES Racing за нејзината поддршка.

„Јас, пак, им благодарам ним – што покажуваат дека младите не се само иднината на Македонија. Тие се нејзиниот сегашен потенцијал“, порача Божиновска.

Таа ги охрабри младите да продолжат со создавање, иновирање и поместување на границите, нагласувајќи дека Македонија има потреба од нивното знаење, енергија и идеи.

Scroll to Top