Љатифи од меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2026“: Обновливите извори бараат силна и модерна преносна мрежа

Енергетската транзиција повеќе не е прашање на избор, но нејзиното спроведување мора да се одвива без загрозување на стабилноста на електроенергетскиот систем, порача генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, на меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ во Струга.

Тој посочи дека електроенергетскиот сектор се менува со голема брзина. Производството од сончеви и ветерни електрани постојано се зголемува, се развиваат системи за складирање енергија, а растат и потребите на индустријата.

Паралелно со тоа, во системот се очекува приклучување нови големи потрошувачи, меѓу кои и дата-центри, што дополнително ја зголемува потребата од навремено планирање и нови инвестиции во мрежната инфраструктура.

Производството и мрежата мора да се развиваат паралелно

Според Љатифи, изградбата на нови производни капацитети мора да биде проследена со развој и модернизација на преносната мрежа.

„Производните капацитети и преносната мрежа мора да се развиваат заедно. Потребни се модернизација, нови далекуводи и трафостаници, поголем капацитет и подобро управување“, истакна тој.

За стабилноста на системот, како што нагласи, не е важна само количината на произведена електрична енергија. Подеднакво значајни се местото на кое новите капацитети ќе бидат приклучени, динамиката на зголемување на потрошувачката и можностите на мрежата да ги прифати новите текови на енергија.

Навременото планирање на инвестициите, техничките услови и фазите на приклучување, според Љатифи, создава поголема предвидливост за инвеститорите и овозможува долгорочна техничка одржливост на електроенергетскиот систем.

Фокусот се префрла кон интеграцијата на обновливите извори

На конференцијата беше нагласено и значењето на паметното и сигурно вклучување на обновливите извори во системот.

Претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски, посочи дека во изминатите две години фокусот постепено се преместува од едноставно зголемување на производството од обновливи извори кон нивна ефикасна и безбедна интеграција во електроенергетската мрежа.

Во центарот на дискусиите на „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ се и развојот на системите за складирање електрична енергија, пазарните механизми, интеграцијата на зелените производни капацитети и создавањето пофлексибилен и поотпорен електроенергетски систем.

Scroll to Top