Коњановски: Горд сум што младите професионално се развиваат и ја градат својата иднина во Битола

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ја посети компанијата „Cosmic Development“, каде што разговараше со раководниот тим и со дел од вработените за развојот на ИТ-секторот и можностите за младите професионалци.

По посетата, Коњановски истакна дека е особено значајно што младите од Битола можат да ги градат своите кариери во својот град, работејќи во успешни компании од информатичко-технолошкиот сектор.

„Особено сум горд што имаме млади луѓе кои токму тука го нашле своето место за професионален развој и кои преку својата работа придонесуваат за развојот на локалната економија“, изјави Коњановски.

На средбата се разговарало за досегашната работа и резултатите на компанијата, вложувањето во младите кадри, предизвиците со кои се соочува ИТ-индустријата, како и за можностите за нејзин понатамошен развој во Битола.

„Секогаш ми е драго кога ќе видам успешни компании кои вложуваат во знаење, млади луѓе и нови идеи“, нагласи градоначалникот.

„Cosmic Development“ работи веќе 15 години и има повеќе од 150 вработени во своите канцеларии во Битола, Скопје и Белград. Во битолската канцеларија се ангажирани околу 100 млади професионалци.

Компанијата во изминатите години била прогласувана и за најдобар работодавач на национално ниво.

Коњановски оцени дека присуството и развојот на вакви компании се важни за отворање квалитетни работни места, задржување на младите кадри и зајакнување на локалната економија.

Според него, вложувањето во знаење, иновации и човечки потенцијал е еден од клучните предуслови за долгорочен развој на Битола.

Scroll to Top