Македонија соларен лидер на Балканот: Производството од сонце достигна 26% од годишната потрошувачка

Македонија се издвојува како водечка земја на Балканот според односот меѓу производството на електрична енергија од сонце и вкупната годишна потрошувачка, покажуваат податоците на меѓународниот енергетски центар „Ember“ за 2025 година.

Во текот на минатата година македонските соларни електрани произвеле околу 2,21 терават-часови електрична енергија, додека вкупната побарувачка во земјата изнесувала приближно 8,48 терават-часови.

Споредбата на овие две вредности покажува дека произведената соларна енергија била еквивалентна на околу 26,1% од целокупната годишна потрошувачка на електрична енергија во Македонија.

Овој резултат ја позиционира земјата пред другите балкански држави. Во Грција, која располага со значително поголем електроенергетски систем, соларните електрани произвеле околу 11,38 терават-часови при годишна побарувачка од 54,85 терават-часови. Тоа претставува еквивалент на околу 20,8% од потрошувачката.

Во Бугарија биле произведени приближно 6,93 терават-часови соларна енергија, додека побарувачката изнесувала околу 36,75 терават-часови, што одговара на удел од приближно 18,9%.

Разликата е уште поизразена во споредба со земјите од Западен Балкан. Албанија произвела околу 0,40 терават-часови, односно 400 гигават-часови соларна електрична енергија, при годишна побарувачка од 7,99 терават-часови. Тоа е еквивалент на приближно 5% од потрошувачката.

Во Србија производството од сонце изнесувало околу 160 гигават-часови при побарувачка од речиси 38 терават-часови, односно околу 0,4%. Косово произвело околу 10 гигават-часови соларна енергија при годишна побарувачка од 7,42 терават-часови, што претставува приближно 0,1%.

Податоците покажуваат дека забрзаната изградба на фотоволтаични капацитети во последните години значително ја променила структурата на домашното производство на електрична енергија.

Според базата на „Ember“, вкупното производство на електрична енергија во Македонија во 2025 година изнесувало околу 7,10 терават-часови. Од нив, 2,21 терават-часови биле произведени од сонце, што значи дека соларните електрани учествувале со 31,1% во домашното производство.

Со тоа, сонцето било најголемиот поединечен извор на произведена електрична енергија во земјата во 2025 година, пред јагленот, хидроелектраните, природниот гас и ветерните електрани, според категоризацијата во оваа база.

Сепак, податокот од 26,1% не значи дека во секој момент толкав дел од електричната енергија што ја користат потрошувачите доаѓал од соларни панели. Станува збор за математички однос меѓу вкупното соларно производство и вкупната побарувачка во текот на целата година.

Соларното производство зависи од периодот од денот и од временските услови, додека потрошувачката продолжува и навечер и во периоди со слабо сонце. Поради тоа, за поголемо искористување на произведената енергија се потребни развиена преносна и дистрибутивна мрежа, системи за складирање, флексибилни производни капацитети и добро регионално поврзување.

„Ember“ применува иста методологија за сите опфатени земји, а податоците вклучуваат производство по извори, вкупна побарувачка, увоз и извоз и удел на секој извор во националниот електроенергетски микс.

Scroll to Top