Министерството за транспорт и врски: Автобусите на гас и електричните автобуси не може директно да се споредуваат

Од Министерството за транспорт и врски реагираат на споредбите меѓу новите електрични автобуси и претходно набавените автобуси на компримиран природен гас. Оттаму велат дека станува збор за возила со различен тип на погон и различни технички карактеристики.

По 14 години, Владата обезбедува нови автобуси кои, според Министерството, треба да придонесат за намалување на аерозагадувањето, намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на урбаната мобилност.

Станува збор за набавка на 150 целосно електрични автобуси и 75 полначи, со вкупна вредност од 59,9 милиони евра. Од Министерството посочуваат дека постапката била јавна и отворена за сите понудувачи, а на електронската аукција била постигната единечна цена од 321.958 евра без ДДВ по автобус.

 

Новите автобуси ќе имаат најмалку 33 седечки места и вкупен капацитет од 67 патници. Ќе бидат опремени со автоматски клима-уред за ладење и греење, електромотор со максимална моќност од најмалку 350 kW, дисплеи за прикажување на станиците и бројот на линијата, три врати и платформа за лица со инвалидитет.

Предвидени се и современи системи за сопирање и безбедност, а од Министерството велат дека автобусите ги исполнуваат европските и меѓународните стандарди наведени во набавката.

„При правење на споредбата мора да се земат сите технички карактеристики на автобусите во однос на должината, капацитетот, погонот на работа, системите за безбедност и квалитетот“, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека автобусите со кои се прават споредбите се на компримиран природен гас и имаат 29 седечки места, односно четири помалку од новите електрични автобуси.

„Се работи за различен тип на автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби“, наведуваат од Министерството.

Од ресорното министерство информираат и дека додека не пристигнат сите 100 автобуси предвидени за Скопје, возила нема да се распределуваат во другите градови.

Како пример за слична набавка, од Министерството го посочуваат Загреб, каде што биле набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра. Во Македонија, пак, се набавуваат 150 електрични автобуси и 75 полначи за вкупно 59,9 милиони евра.

Според Министерството, набавката има и долгорочна економска цел, бидејќи електричните автобуси треба да овозможат пониски трошоци за одржување и енергија.

Од таму додаваат дека инвестицијата е дел од планот за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подобрување на јавниот превоз во Скопје и останатите општини.

Scroll to Top