Кристал Хефнер ѝ се обрати на Џесика Бил со повик да го преиспита учеството во претстојниот филм „Playmates“, доколку продукцијата има намера да го романтизира Хју Хефнер и животот во вилата на „Плејбој“.
Поранешната сопруга на основачот на магазинот објави снимка од приватната порака што ѝ ја испратила на актерката преку Инстаграм.
„Те молам, преиспитај ја улогата на ‘сопругата’ на Хју Хефнер ако овој филм има намера да го романтизира него или светот на Плејбој“, напишала Кристал.

Во продолжението таа изнесе тврдења за својот брак со Хефнер, со кого беше во брак од 2012 година до неговата смрт во 2017 година.
„Јас навистина бев неговата сопруга и во таа врска доживеав сексуална, емоционална, финансиска и физичка злоупотреба“, навела таа.
Кристал посочи дека и други жени јавно изнеле обвинувања за силување, принуда, дрогирање и експлоатација. Во пораката спомена и загрижувачки тврдења поврзани со малолетници.

Таа побара филмската екипа да ги слушне жените што го искусиле животот во тој свет пред Холивуд повторно да го претвори во носталгична приказна.
Бил ќе игра измислен лик
Учеството на Џесика Бил во филмот беше објавено во вторникот. Проектот го пишува и режира Лорејн Николсон, а Хју Хефнер ќе го толкува Бил Пулман.
Ликот на Бил е измислена сопруга и не е директен приказ на Кристал или на некоја од другите две сопруги на Хефнер. „Playmates“ не е класичен биографски филм за неговиот живот.
Приказната ја следи тринаесетгодишната Ел, која ја толкува Индијана Ел и која ја доживува вилата на „Плејбој“ како втор дом. Таа се спријателува со Ана, ликот на Лили-Роуз Деп, една од кандидатките за титулата „Плејмејт на месецот“.
Кристал и претходно зборуваше за бракот
Во мемоарите „Only Say Good Things: Surviving Playboy and Finding Myself“, објавени во 2024 година, Кристал тврдеше дека Хефнер се обидувал да го контролира нејзиниот изглед, кажувајќи ѝ да ослабе и што да носи.
Во подкастот „No One Asked Her“ таа го опиша своето тогашно размислување како резултат на „испран мозок“. Според нејзините зборови, идеализираната медиумска слика за Хефнер ја навела да се сомнева во сопствените чувства и искуства.
„Ако сите го гледаат како толку неверојатен човек, тогаш мора нешто да не е во ред со мене“, раскажа таа за начинот на кој размислувала во тој период.
Хју Хефнер беше во брак со Мили Вилијамс од 1949 до 1959 година, со Кимберли Конрад од 1989 до 2010 година, а потоа со Кристал. Почина на 27 септември 2017 година, на 91-годишна возраст.






