Минералните ресурси на Македонија треба да придонесат за развој на домашната индустрија, нови инвестиции и отворање работни места, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Таа истакна дека Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини за периодот 2026–2046 година поставува долгорочна рамка за подобро искористување на геолошкиот потенцијал на земјата.
Според Божиновска, важна цел е развојот на домашните производни и преработувачки капацитети, со што би се создавала поголема додадена вредност во македонската економија.
„Преку современи геолошки истражувања, развој на домашните производни и преработувачки капацитети и примена на нови технологии, создаваме услови поголем дел од економската вредност да останува во нашата земја“, порача министерката.
Божиновска нагласи дека одговорното управување со минералните суровини мора да оди заедно со заштитата на животната средина, транспарентноста и зачувувањето на јавниот интерес.
Стратегијата е подготвена во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, експерти и релевантни институции. Како што посочи министерката, документот ја поврзува долгорочната развојна визија со европските политики и отвора можности за поголемо учество на Македонија во европските индустриски синџири.
Таа порача дека минералното богатство треба да се претвори во конкретни економски придобивки за граѓаните и нови можности за бизнисите, со одржливото искористување на ресурсите како основа за идниот развој.






