Општина Битола работи на мапирање на потенцијалите за обновливи извори на енергија и на проекти за зелена транзиција, со посебен фокус на Индустриската зона Жабени. Ова го истакна секретарот на Општината, Борче Димитровски, на форумот „Зајакнување на учеството на граѓанското општество и социјалниот дијалог во праведната енергетска транзиција“, одржан во Скопје.
Димитровски се обрати во воведниот дел, заедно со заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, и Јохан Шмит, претставник на Меѓународниот центар „Олоф Палме“ од Шведска.
Како претставник на општинската администрација и заменик-претседавач на Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) – Битола, тој ги претстави актуелните активности на Општината во областа на енергетската транзиција.
Меѓу нив е новиот проект со „Energy Community“, преку кој се подготвува платформа за мапирање на потенцијалите за искористување на обновливите извори на енергија на територијата на општината. Димитровски се осврна и на неодамна потпишаниот меморандум во Будва, со кој посебно внимание се посветува на Индустриската зона Жабени.
Според него, овие активности ја потврдуваат определбата на локалната самоуправа, во рамките на своите законски надлежности, да развива капацитети и да создава услови за примена на зелени решенија.
Димитровски ја нагласи и улогата на ЛЕСС – Битола во подобрувањето на економската и социјалната состојба во општината. Тој го посочи дијалогот меѓу локалната власт, работодавачите и синдикатите како важна основа за усогласување на приоритетите и за вклучување на засегнатите страни во процесот на транзиција.
На форумот учествуваа претставници на граѓански организации, институции и други чинители од Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Косово и Албанија. Учесниците разменија регионални искуства и добри практики и разговараа за придонесот на локалните институции, граѓанското општество, економско-социјалните совети и синдикатите во праведната енергетска транзиција.






