Џенифер Лоренс проговори за својот изглед, мајчинството и естетските интервенции, откривајќи дека направила зголемување на градите, а во иднина планира и лифтинг на лицето. Оскаровката зборуваше за овие теми во новото интервју за „The Cut“, објавено по повод лансирањето на нејзиниот бренд за нега на коса „Mes“.
„Сакам да бидам секси мајка“, изјави 36-годишната актерка. Со препознатливиот хумор додаде дека, кога ги носи децата на училиште, сака да изгледа прибрано и средено – дури и кога штотуку се разбудила и воопшто не се чувствува така.

Лоренс има две деца со сопругот, трговецот со уметнички дела Кук Марони. Таа и претходно зборуваше за промените на телото по бременоста. Во интервју за „Њујоркер“ во 2025 година кажа дека размислува за зголемување на градите по раѓањето на второто дете.
Нов деловен потфат инспириран од сопственото искуство
Паралелно со актерската кариера, Лоренс влегува во индустријата за убавина. Нејзиниот бренд „Mes“, создаден со научничката и претприемачка Јасмина Агановиќ, започнува со три производи: маска за коса, серум за повторно обликување на фризурата и спреј за волумен.

Инспирацијата ја пронашла во долгогодишното искуство со честото бојадисување и стилизирање за филмските улоги. Во почетоците на кариерата, објаснува таа, немала голема слобода да одлучува што се нанесува на нејзината коса.
За едно пробно снимање за „Икс-мен“, косата ѝ била обоена во четири различни бои во ист ден. Подоцна, по вториот филм од „Игрите на гладните“, оштетувањето било толку големо што ја скратила во кратка фризура.

Со новата линија сака да понуди поедноставна рутина за нега и стилизирање. Сепак, признава дека лансирањето носи и неизвесност: по години работа на производите, сега ја очекува реакцијата на купувачите.






