Божиновска: Со нови енергетски проекти и поврзувања ја намалуваме зависноста и градиме посигурна иднина

Македонија работи на нови правци за снабдување со енергија, регионално поврзување и инвестиции што треба да придонесат за поголема енергетска сигурност, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на отворањето на Првиот форум за енергетска дипломатија во Скопје.

Министерката истакна дека енергетиката веќе не е само прашање на производство, снабдување и цени, туку е тесно поврзана со националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.

„Македонија е поинаква од пред две години. Создаваме решенија што траат и градиме иднина. Нашата одговорност е одлуките што ги носиме денес да обезбедат сигурност за генерациите што доаѓаат“, порача Божиновска.

Енергетската дипломатија отвора нови можности

Во своето обраќање, Божиновска посочи дека војната во Украина и кризите на Блискиот Исток покажале колку брзо случувањата надвор од границите можат да влијаат врз домаќинствата, компаниите и државите.

Според неа, во такви услови енергетската дипломатија има важна улога во градењето доверба, отворањето нови правци за снабдување и поврзувањето на пазарите.

„Преку неа градиме доверба, отвораме нови правци за снабдување и поврзуваме пазари. Така создаваме партнерства што траат подолго од еден политички мандат“, истакна министерката.

Таа посочи дека целта на форумот е Скопје да биде место каде што заедничките енергетски предизвици ќе се претворат во конкретни решенија и соработка.

Гасно поврзување со Грција и Србија

Божиновска оцени дека стратешката положба на Македонија ѝ овозможува на земјата да биде важна енергетска врска во регионот. Како значајни чекори ги издвои изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија.

„Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција и со планираното поврзување со Србија работиме на отворање нови правци за снабдување. Со развојот на мрежите и подоброто поврзување на пазарите придонесуваме за енергетската сигурност и на регионот и на Европа“, рече Божиновска.

Таа нагласи дека енергетската сигурност на Европа е поврзана и со отпорноста и стабилноста на Западен Балкан, поради што регионалната соработка ја оцени како заедничка потреба.

Како важни за енергетскиот развој ги посочи и партнерствата со Соединетите Американски Држави, Хрватска и други европски земји.

„Успехот ќе го мериме преку реализираните проекти“

Според министерката, резултатите од енергетската дипломатија треба да се согледуваат преку реализираните проекти, овозможените инвестиции и сигурноста во снабдувањето што ќе ја почувствуваат граѓаните.

„Со секој нов капацитет и секое ново поврзување, ја намалуваме зависноста и се приближуваме кон нашата цел – енергетска независност“, порача Божиновска.

Таа истакна дека определбата за енергетски развој се претвора во конкретни проекти, нови инвестиции и стратешки партнерства.

Форум за обновливите извори и жените во енергетиката

Форумот се одржува под наслов „Обновливи извори и жените во енергетиката“, со учество на повеќе од 200 домашни и странски гости и над 15 говорници, панелисти и модератори.

На отворањето се обратија и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, како и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Арменд Грегоријан.

Според агендата, предвидени се дискусии за енергетската безбедност, обновливите извори, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор. Во рамки на форумот е предвидено и потпишување декларација за поголемо учество на жените во енергетиката.

Организатор е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Северна Македонија, УНДП и Економската комисија на ОН за Европа – УНЕЦЕ.

Scroll to Top