Гордон Ремзи седнува зад воланот на „Топ гир“: Познатиот готвач ќе го води легендарното шоу

Светски познатиот готвач и телевизиска ѕвезда Гордон Ремзи е новиот водител на „Топ гир“. Би-би-си најави дека популарното автомобилско шоу ќе се врати на малите екрани во 2028 година, со Ремзи на чело на нов водителски тим.

Снимањето на новите епизоди е планирано за 2027 година, а на Ремзи ќе му се придружат и други водители чии имиња засега не се соопштени. Во шоуто ќе се врати и мистериозниот тест-возач познат како Стиг, објави „Топ гир“.

Ремзи на публиката ѝ е добро познат по телевизиските емисии „Hell’s Kitchen“ и „Kitchen Nightmares“, но покрај готвењето, неговата голема страст се и автомобилите. Тој има тркачка лиценца, учествувал во мотоспортски настани и досега трипати гостувал во „Топ гир“.

Познатиот готвач откри дека љубовта кон автомобилите ја почувствувал уште како дете, додека живеел во близина на патеката Силверстоун. Како што раскажа, се качувал преку оградите за да ги гледа трките, а возбудата што тогаш ја почувствувал прераснала во трајна љубов кон автомобилите и мотоспортот.

Ремзи рече дека сака новата екипа да внесе свежа енергија во шоуто и да создаде возбудлива програма за нова генерација гледачи.

„Топ гир“ беше повлечен од програмата откако поранешниот водител Ендрју „Фреди“ Флинтоф доживеа тешка несреќа за време на снимање во 2022 година.

Емисијата во својот современ формат започна во 2002 година и стекна светска популарност со водителите Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј.

Scroll to Top