Драма во авион на „Рајанер“: Пукнал прозорец среде лет, патници спасувале 61-годишен Србин

Вистинска драма се одвивала на лет на „Рајанер“ од Солун кон Меминген, во близина на Минхен, откако за време на летот се оштетил прозорец во патничката кабина и дошло до декомпресија. Авионот бил принуден да се врати на аеродромот „Македонија“ во Солун, каде безбедно слетал.

Според сведоштвата на патниците и информациите објавени во грчките медиуми, во инцидентот бил повреден 61-годишен државјанин на Србија, кој седел непосредно до оштетениот прозорец.

Една од патничките за Radio Thessaloniki 94.5 раскажала дека во авионот одеднаш се слушнал силен звук.

„Се слушна како да пукна гума. Настана паника, луѓето врескаа и повикуваа на помош. Веднаш ги ставивме маските“, раскажала таа.

По наглата декомпресија, маските за кислород се спуштиле во кабината, а патниците се обидувале да разберат што се случува.

„Главата, вратот и рамената му беа надвор“

Најдраматичните моменти се случиле кај седиштето на 61-годишниот Србин. Според сведоштво на патничка, неговата глава, врат и рамена биле извлечени низ отворот кај оштетениот прозорец.

„Го фатија и го држеа. За среќа, не го имаше извадено безбедносниот појас. Девојките што седеа во близина го влечеа назад, а потоа дојдоа и лекари кои беа меѓу патниците за да му помогнат“, изјавила таа.

Претседателот на грчката федерација на вработени во јавните болници POEDIN, Михалис Јанакос, го опиша инцидентот како ситуација во која за малку била избегната трагедија.

Според неговите информации, сопругата на повредениот го држела за нозете, додека други патници помогнале тој да биде извлечен назад во кабината.

„Во болницата AHEPA се наоѓа 61-годишен Србин со повреди и изгореници од триење. Неговата сопруга го држела за нозете, а со помош на повеќе патници успеале да го вратат во авионот“, навел Јанакос.

Повредениот пренесен во болница

По безбедното слетување во Солун, 61-годишниот патник бил преземен од екипа на Итната медицинска помош и пренесен во болницата AHEPA.

Според достапните информации, тој имал повреди на вратот и рамениците, како и изгореници од триење. Во болницата бил при свест, а повредите не биле оценети како опасни по живот.

Од истиот лет превентивно била пренесена во болница и бремена патничка. Таа била однесена во болницата „Хипократ“, каде ѝ бил направен ултразвучен преглед. Откако лекарите не утврдиле загрижувачка состојба, била пуштена од болница.

„Рајанер“ потврди дека прозорец се поместил за време на летот

Од „Рајанер“ официјално потврдија дека авионот се вратил во Солун по проблем со прозорец во патничката кабина.

„Летот на ‘Рајанер’ од Солун кон Меминген во петокот наутро, 10 јули, се врати во Солун кратко по полетувањето, откако прозорец во патничката кабина се помести за време на летот. Авионот слета нормално, а патниците се вратија во терминалот. Еден патник побара и доби медицинска помош на земја во Солун“, соопшти компанијата.

Од авиокомпанијата додаваат дека, за да се намали доцнењето, бил обезбеден заменски авион кој ги превезол патниците до Меминген. Авионот полетал од Солун во 9:53 часот по локално време.

Според дополнителните информации објавени од повеќе медиуми, можно е оштетувањето на прозорецот да било поврзано со дефект на моторот и дел што удрил во авионот. Надлежните воздухопловни органи започнаа истрага за точната причина за инцидентот.

Авионот, и покрај драматичната ситуација во кабината, безбедно се вратил и слетал на аеродромот во Солун.

Scroll to Top