Грција оваа година воведува една од најстрогите мерки за заштита на животната средина во последните години, откако властите одлучија дури 251 плажа да бидат ставени под посебен режим на заштита, без можност за комерцијална експлоатација, поставување лежалки, чадори или нови градби.
Станува збор за плажи кои се наоѓаат во рамки на заштитените подрачја од европската еколошка мрежа NATURA 2000, а од грчкото Министерство за животна средина велат дека целта е зачувување на највредните крајбрежни екосистеми и ограничување на негативните последици од масовниот туризам.
Според новите правила, на овие локации нема да се дозволуваат концесии за користење на плажите, ниту активности што би можеле да го нарушат природниот изглед или биодиверзитетот. Властите посочуваат дека дел од плажите имаат исклучително естетско, геоморфолошко и еколошко значење и претставуваат живеалишта на ретки видови растенија и животни.
Одлуката е дел од поширока стратегија на Грција за справување со климатските промени и прекумерниот туристички притисок, кои во изминатите години значително влијаат врз состојбата на крајбрежните подрачја.
Покрај забраната за урбана опрема и комерцијални содржини, грчките власти најавија и засилен инспекциски надзор. Ќе следуваат строги контроли и повисоки казни за нелегално поставување лежалки, чадори, барови и други објекти на плажите, како и за узурпација на јавниот простор.
Контролите ќе бидат насочени не само кон туристичките оператори и угостителите, туку и кон локалните власти кои управуваат со крајбрежјето.
Мерката веќе предизвика поделени реакции во Грција. Дел од туристичкиот сектор предупредува дека новите ограничувања би можеле да влијаат врз приходите, особено во познатите летувалишта каде плажниот туризам е главен извор на заработка.
Од друга страна, еколошките организации ја поздравуваат одлуката, оценувајќи ја како неопходен чекор за долгорочно зачувување на природните ресурси и заштита на грчкото крајбрежје од прекумерна урбанизација.
За туристите ова ќе значи сосема поинакво искуство – повеќе диви, природни и недопрени плажи, но и потреба за подобра организација при посетата, бидејќи на дел од локациите нема да има организирани услуги, лежалки или угостителски објекти.
Грчките власти апелираат посетителите да ги почитуваат новите правила и да помогнат во зачувување на природната убавина по која грчките плажи се препознатливи во целиот свет.





