Хаос во Хрватска: стотици дојави за бомби ја креваат државата на нозе – се истражува можно AI сценарио

Стотици лажни дојави за поставени бомби во изминатиот период предизвикаа сериозна безбедносна и општествена криза во Хрватска, отворајќи дилеми дали станува збор за координирана акција, технолошки напад или нова форма на хибридна закана.

Пораките доведоа до масовни евакуации на училишта, болници и трговски центри, создавајќи паника кај граѓаните и сериозен притисок врз институциите, особено во пресрет на туристичката сезона.

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека истрагата напредува и дека е засилена меѓународната соработка преку европски истражни налози, што укажува дека надлежните веќе имаат насоки за потеклото на заканите.

Според неофицијални информации, дел од пораките биле испраќани преку сервери лоцирани во балтички земји, што дополнително ја усложнува истрагата. Иако технички е можно да се утврди од каде се испратени, идентификацијата на вистинските сторители останува голем предизвик.

Анализата на содржината покажува различни стилови на пишување и елементи на автоматски превод, што отвора сомнеж дека биле користени алатки за преведување или дури напредни системи со вештачка интелигенција. Една од хипотезите е дека зад нападите стои организирана мрежа, но не се исклучува ниту сценарио во кое мал број лица користат автоматизирани алатки за масовно испраќање закани.

Безбедносните експерти предупредуваат дека ваквите акции имаат ефекти слични на терористички напади, бидејќи нивната цел е создавање страв и дестабилизација на општеството. Посебно загрижува што мета се често училишта, што директно влијае врз децата и родителите.

Дополнително, се разгледува и можноста за т.н. хибридна операција – каде ваквите дојави служат како одвлекување на вниманието на институциите, додека паралелно се спроведуваат други активности.

Истрагата продолжува и може да трае со месеци, но случајот веќе се смета за предупредување дека модерните технологии, вклучително и вештачката интелигенција, можат да бидат злоупотребени за создавање масовна паника и сериозни безбедносни ризици.

Scroll to Top