На музичката сцена во поранешна Југославија во 1990те доминираа денс групи и пејачи. Иако беа многу популарни, а публиката ги обожаваше нивните песни и нивното пеење, јавна тајна е дека повеќето хитови ги пееја други пејачки, а не оние што се претставуваа како главни вокали на групите. Гале, Иван Гавриловиќ, групите „Фанки Џи“, „Џогани фантастико“, „Моделс“, „Добар, лош, зао“, „Енергија“ и „Доктор Иги“ се дел од оние што не пееле, туку отворале уста, пишува црногорскиот портал cdm.me.
Весна Милачиќ – Каја, која беше главен вокал во групата „Доктор Иги“ за порталот открила дека фронтменот на бендот, Игор Тодоровиќ, и денес настапува со друга пејачка која само отвора уста и го глуми она што го пеела Каја во ’90те. Најголемиот хит на д-р Иги, „Очи боје дуге“ го отпеала Ивана Петерс, пејачката на „Тап 011“ и „Негатив“, а која тогаш била тинејџерка и не се појавувала во јавноста.
„Спојот на вокалот и начинот на кој го отпеав текстот, можеби тоа направи песната сега да е химна. Сето тоа сега ми делува наивно и би ја отпеала во сосема друг аранжман. После толку време би променила многу во песната,“ рекла пред неколку години Ивана. Таа ја испеа и песната „Никада“ за д-р Иги.
Пејачката Ана Кокиќ, во 1990те била член на групата „Енергија“. Таа не пеела на првите два албума на бендот. Најголемиот хит на „Енергија“, „Сузе“, го испеала друга пејачка, а Кокиќ само се појавува во спотот и отвора уста.
„Никогаш не криев дека на двата албума на ‘Енергија’ пее некој друг. Бев млада, во тоа време имав само 16 години и немав доволно искуство во естрадно пеење. Веќе на третиот албум пеев јас“, рекла Ана во едно интервју.
И поп-пејачката Александра Радовиќ неколку пати пеела за други со цел да изгради кариера на естрадата. Таа ја пее песната „Без тебе“ на групата „Добар, лош, зао“. Радовиќ дури и снимила албум за пејачката Барбарела, а таа за кратко време се повлекла од сцената.
Популарни во тоа време веа и „Моделс“, но наместо девојките што се појавуваа во спотовите и настапите, пеела Тања Јовичевиќ. Нејзиниот глас бил на неколку албуми од овој бенд.
Според црногорскиот портал, најдобрата соработка меѓу некоја пејачка и друга што само отворала уста била онаа меѓу Марија Михајловиќ и Анабела Атијас. Марија пеела за многу денс бендови, но најмногу за „Фанки Џи“. Кога Анабела решила да почне да пее, Марија „ја покривала“ како нејзин главен пратечки вокал.
„На сите тие албуми стои моето име, пишува дека пеам јас, па нема зникаква забуна во тој дел. Единствениот проблем е што луѓето повеќе сакаат да гледаат телевизија отколку да прочитаат што пишува на тие касети и ЦД-ња, а тие ги гледаа девојките во спотовите. Тие девојки се танчерки, а зошто по сценарио мора да отвораат уста, јас не знам“, рекла Михајловиќ. Таа во тоа време ги пеела женските вокали и на албумите на групата „Дак“.