Поранешниот кошаркар Дино Раѓа, на 27-годишнината од смртта на Дражен Петровиќ, се потсети на својот поранешен соиграч и пријател. Тој на Фејсбук објави статус во кој ја раскажа нивната последна средба, еден ден пред Петровиќ да загине во сообраќајна несреќа во Германија.
„Тешко е да се напише нешто за Дражен што веќе не е напишано. Но по гледањето на документарецот ’Последниот танц’ морам да направам споредба. Нема да зборувам за играчките квалитети бидејќи тоа овојпат не е важно. Само главата. Тоа што го имаше Џордан во главата го имаше и Дражен. Идентично. Затоа беше тоа што беше – победник пред сѐ. Како потврда една ситуација за која малку знаат. Последниот меч на Дражен против Словенија во Полска. Целосно неважен натпревар, бидејќи игравме финале на квалификации, а првите три одеа на ЕП. При крајот на мечот кој го загубивме, двајцата се испокаравме со пцуење. Кој кому не додал, кој не заградил. Тој мене мајката, јас нему исто така. И утредента – тоа несреќно патување. Рано наутро седиме јас, тој и Стојко (Вранковиќ) и пиеме кафе. Тој му вели на Стојко да ми каже дека сум идиот, јас исто преку Стојко до него. Нема врска што играш, колку е важно, секогаш мораше да бидеш на 100 отсто со него. Затоа беше лидер“, напиша Раѓа.