Ана Ивановиќ и поранешниот фудбалер Бастијан Швајнштејгер се разведоа по девет години брак, потврди адвокатот на познатата тенисерка во официјално соопштение.
Ивановиќ и Швајнштејгер беа еден од најпрепознатливите спортски парови благодарение на нивниот успех во тенисот и фудбалот, а се венчаа со големо медиумско внимание во Венеција во 2016 година.
Парот се запозна во 2014 година, додека поранешниот германски репрезентативец сè уште играше за Баерн Минхен.
Една година подоцна, Швајнштајгер се пресели во Манчестер Јунајтед, додека Ана полека ја завршуваше својата брилијантна тениска кариера.
Свадбата се одржа во јули 2016 година, а Ана, која беше запаметена по освојувањето на Ролан Гарос во 2008 година, се повлече од професионалниот тенис во декември истата година.
Ивановиќ и Швајнштајгер имаат три деца, а најмладиот син е роден пред помалку од две години. Нивните први два сина се викаат Лука и Леон, додека името на третото дете никогаш јавно не е откриено.
По неколку месеци шпекулации за состојбата на нивната врска, претставникот на Ана, Кристијан Шерц, објави дека двојката се разведува поради „непомирливи разлики“.
Како што објави БИЛД, адвокатот нагласи дека нема да има повеќе официјални изјави и побара од јавноста да ја почитува приватноста на двојката и нивните деца.
„Мејл Спорт“ објави во април дека двојката е во „длабока криза“ поради разлики во животниот стил, што врши притисок врз нивниот брак. Поради честите патувања поврзани со ангажманите на Швајнштајгер како фудбалски коментатор, Ана наводно поминувала повеќе време во Србија, каде што нејзиното семејство во Белград ѝ помагало да се грижи за децата.
Нивниот последен заеднички јавен настап беше на Лејвер Купот во септември минатата година во Берлин. Подоцна, тие објавија и заедничка фотографија од божиќниот панаѓур, но објавите на семејството на социјалните мрежи станаа ретки после тоа.
Во јуни, германските медиуми објавија дека Швајнштајгер е виден како се бакнува со наводна нова девојка, која, според таблоидите, ја запознал преку децата кои одат во исто училиште.
Жената, која германските медиуми ја именуваа само како „Силва“, е по потекло од Бугарија, а таа патуваше на Мајорка со Швајнштајгер, откако претходно престојуваа заедно во Мароко. Тие беа снимени и на плажа.
Во меѓувреме, Ана Ивановиќ беше во Лондон на Вимблдон.