Српскиот глумец Аљоша Вучковиќ, кој вчера наполни 72 години, за српски „Курир“ откри дека до пред неколку дена бил на лекување во болница, дека сега е дома, но дека здравствена состојба и сега му е лоша. Поради нарушеното здравје, тој веќе некое време не глуми.
„Ништо не работам и не можам да работам. Болен сум долго, многу и не се чувствувам добро, и тоа е причината што не глумам. Покрај сè ме фати и мала настинка, па ми се собраа многу работи“, рекол Вучковиќ за порталот, но не открил од што боледува.
Аљоша Вучковиќ во својата кариера одигра преку 70 улоги, меѓу кои и во популарните ТВ-серии „Враќање на отпишаните“ и „Подобар живот“.
„Кога ќе подвлечам црта од периодот кога настана ‘Подобар живот’ до денес, сфаќам дека сè стои во место, сè стагнира. Што да ви кажам освен дека ќе ни дојде подобар живот ако се обидеме да ги тргнеме сеќавањата. Ретки се добрите прилики, речиси и ги нема. Сè функционира по принципот: ‘ајде да
пробаме да ни биде подобро’, а тоа трае две минути, и потоа исчезнува“, рекол глумецот во изјавата.
Популарниот глумец живее со сопругата Едита и имаат две ќерки Леана и Сара.