Чест ми е што ќе пеам со живите легенди на „Индекси“ вечерва во Скопје: Интервју со Амел Ќуриќ, победникот на Х-фактор

Босанскиот пејач Амел Ќуриќ вечерва настапува на концертот на Индекси и пријателите во Филхармонија во 20 часот. Публиката го памети како победник во Х-Фактор шоуто во 2015 година. Пред настапот во Скопје, тој за Репортер раскажа како е да си дел од регионалната турнеја на сараевскиот култен бенд, кој годинава прославува 60 години од основањето. Зборуваме и за новата песна, која има премиера на 1 ноември, но и како е по долго време да настапи пред македонската публика, која го поддржа до победата во регионалното шоу.

Вечер е концертот на Индекси и пријателите. Кои песни на „Индекси“ ќе ги пеете?
Амел: За мене е особена чест што сум поканет да бидам дел од овој проект и да застанам рамо до рамо со живите легенди на групата „Индекси“. Првпат настапувам во Скопје, па сето ова ќе биде многу емотивно за мене. Изведувам малку подзаборавена песна „Испили смо златни пехар“ и еден од најголемите хитови на Индекси, а можеби и најголемиот хит „Да сам ја нетко“. Благодарност до Индекси и организаторите што ми ја дадоа честа да ја изведам таа песна. Секогаш кога ја пеам ја доживувам како првпат да ја пеам. Ја чувствувам секоја нота и секој стих. Тоа го чувствувам со срце и мислам дека дефинитивно е песна за сите генерации.

Колку сте приврзани за нивната музика, имате ли некоја песна која ви буди посебни емоции? 
Амел: „Да сам ја нетко“ е безвременски хит со кој може да се поврзе секој човек на оваа планета. Во Белград луѓето плачеа кога го изведов. Тоа навистина предизвикува посебни емоции.

Што се случи по победата на X Factor. Дали успеавте да ја искористите на вистински начин популарноста што ви ја донесе ова шоу?
Амел: По победата на X Factor ми се отворија многу врати и оттогаш имам снимено 9 песни и исто толку видеоспотови. Некои песни беа многу популарни, а јас би ги издвоил „Неиздржливо“, „Таа зима“ и песната „Коска“, која ја снимив во дует со Емина Јаховиќ и песната стана регионален хит. Жал ми е што не сум бил во Македонија откако победив на Х Фактор, бидејќи знам дека во финалето на тоа шоу добив многу гласови токму од Македонија. Ова нека биде почеток на нашето почесто дружење. Имам феноменален бенд со кој соработувам и во текот на целата година, а покрај настапите на плоштади или клубови, често свириме и корпоративни настани и свадби. Тука сме да ги забавуваме луѓето, имаме широк репертоар и многу сум задоволен од тоа како звучиме јас и мојот бенд. Најчесто настапуваме во Босна и Херцеговина, а потоа следат Хрватска, Црна Гора и Србија. Се надевам дека овој мој прв настап во Македонија ќе ги отвори вратите на оваа прекрасна земја за да можеме почесто да се дружиме и пееме.

Првите акорди на гитара ги научивте во засолниште, за време на војната во Босна и Херцеговина. Како беше да се пее и свири во време кога над себе слушаш гранати и не знаеш кога повторно ќе излезеш на воздух?
Амел: Сеќавањето на воениот период буди различни емоции. Кога ќе се сетам на моето детство поминато во војна ми паѓаат на ум некои грди, но и убави спомени, како што е тоа што ги научив првите акорди на гитарата во засолништето. Бев под стрес секогаш кога ќе слушнав граната, но тогаш ќе го заборавев сето тоа слушајќи или пуштајќи некоја добра музика. Имав 16 години кога заврши војната и тогаш станав член на првиот бенд каде свирев бас-гитара. Почнав да пеам дури на 23 години.

Како се запознавте со сопругата  Јелена и коисе нејзините највредни квалитети?
Амел: Со сопругата Јелена се запознавме на еден од настапите. Таа настапи со својот бенд, а јас дојдов како гостин да отпеам две песни. Кога ја видов, останав еден час и испеав 22 песни. Јелена е мојата голема поддршка и трпението и љубовта што ги дава се нејзините најголеми доблести. И Јелена пее,и тоа одлично, и често настапуваме заедно.

Какво дете е  Кан, колку често се дружите?
Амел: Секој момент го поминувам со Кан кога сум дома. Кан е многу интелигентен и брзо ги апсорбира работите. Тој е заинтересиран за сè и најмногу сака да ме испрашува за сè. Се трудиме да го подигнеме најдобро што можеме и се надевам дека пред сè ќе биде добар и чесен човек.

Вие и Ѓуро неодамна бевте на свадбата на синот на Недим Бабовиќ, основач на групата „Бомбај штампа“. Како е да се биде на ваква забава со Ѓура, кој ќе пее и во Скопје со тебе?
Амел: Како што реков претходно, често настапуваме на свадби, па затоа бевме поканети да настапиме на свадбата на синот на Недим Бабовиќ, основачот на групата „Бомбај штампа“. Недим и Ѓуро се неразделни пријатели од детството. Ѓуро е вистински шоумен и со него никогаш не е досадно. Зрачи исклучително позитивна енергија.

Освен со турнејата Индекси и пријателите, со што се занимавате моментално?
Амел: По враќањето од турнејата Индекси и пријателите ќе се посветам на промоцијата на мојата нова песна „Пуста авлија“. Премиерата е закажана за вторник, 1 ноември 2022 година во 19:30 на јутјуб-каналот Амел Чуриќ и регионалните портали. Автори на песната се српските хитмејкери Драган Брајовиќ Браја и Јоца Савиќ, а режијата на спотот ја потпишува еден од најдобрите регионални режисери, Арнеј Мисирлиќ од Сараево. Реакциите на оние кои досега ја слушнале песната се фантастични и со нетрпение ги очекувам премиерата и коментарите на публиката.

Александра Георгиев 

Scroll to Top