Да не беше мајка ми, можеби немаше никогаш да ја испеам „Македонија“: Дадо Топиќ слави јубулеј во Охрид

Легендарниот Дадо Топиќ  на јубилејното издание на „Охрид фест“, во Интернационалната вечер на 2 септември, ќе ја добие наградата за ширење музика на Балканот. Инаку, ова е интересна година – „Охрид фест“ ќе го има 30-тото издание, песната „Македонија“ одбележува 50 години постоење, а Дадо на 4 септември полни 74 години, и сите овие убави поводи ќе ги прослави токму во Македонија.

„Со голема радост доаѓам во Македонија, во Охрид, вели Дадо. Не можете ниту да сфатите колку луѓето ја сакаат Македонија и колку знаат за неа, за македонската убавина, естетиката, хармонијата на ритамот и јазикот. Македонија има свој идентитет во музиката. Одамна не сум бил кај вас, ми значи поддршката од топлиот југ, се радувам на средбата со публиката. Патем, Копров ми кажа дека има песна за мене, значи можна е и соработка, а „Охрид фест“ е фестивал на кој му посакувам уште толку години“,  вели Топиќ за Рапортер.

Во Интернационалната вечер ќе ја изведет легендарната „Македонија“ песна која со ист интензитет трае веќе пет децении.

На ова тој вели :„ Луѓето го препознаваат македонското, има многу македонци во целиот свет, и сите тие првин ја бараат „Македонија“. Инаку, уште како мал ги засакав македонските песни, како дете ги слушав, ми се врежаа во меморијата. Многу често ја слушав мајка ми како пее стари македонски песни. Многу ми се допаѓаа, имаше нешто посебно во нив. Така и јас во еден момент добив инспирација и ја зедев гитарата, па почнав да ја создавам оваа песна. И кога таа навистина почна да се слуша по медиумите, на радио постојано ја пуштаа, ми се јавија пријателите од Македонија. Ми велат: ‘Леле, Дадо, што си направил, човеку? Секој од нас ја живее ова песна кога ја слушаме’. Мене ми падна многу драго што стиховите ‘таму кај што вечното сонце сјае’ стана нешто за кое се зборува со генерации“, вели Топиќ и додава : „Јас само го напишав текстот и музиката, а се`друго направија луѓето, тие не даваат да се заборави. Затоа и трае пет децении“.

На прашањето за неговата континуирана кариера, постојаните патувања и настапи, вели дека секогаш се радува на доаѓањето тука, но и дека не се дава на годините.

„ Не останаа многу музичари од мојата генерација, а јас ете имам кариера во континуитет. Фала му на Господ, здравјето добро ме служи, па ќе бидам на пат се додека ме бараат, вели тој.

Го прашавме  што ќе направи прво откако ќе стигнете во Македонија, вели : А,  штом ќе стигнам во Македонија се знае, и јас не сум имун на вашата кујна… ќе уживам во македонските специјалитети, превкусен зеленчук, салати, тавче гравче, пинџур, и само тоа го јадам.

Александра Георгиев

Фото:Марина Пешиќ

Scroll to Top