Даниела ја монтирала снимката на која признавам дека сум ја силувал: случајот со Бранислав Лечиќ доби неочекуван пресврт

Актерот Бранислав Лечиќ, кого глумицата Даниела Штајнфелд пред осум месеци го обвини за силување, вели дека снимките што таа ги направила тајно и ги дала како доказ против него, се монтирани. Глумецот, кој веднаш рече дека обвиненијата против него се лажни, сега првпат јавно ја раскажа неговата страна од приказната. Во телевизиско интервју тој зборуваше за телефонските разговори и средбите со Даниела, а вели и дека глумицата и претходно обвинувала мажи за силување и тој не е единствениот.

„Полицијата и обвинителството ги имаат нивните имиња, јас не сакам да ги откријам ни да се занимавам со тоа. Судот ме ослободи од сите обвиненија, затоа што се лажни. Аудио снимката што ја даде Даниела како еден од официјалните докази против мене е монтирана. Таа пред средбата ми напишала мејл и ми понуди соработка на проект за којшто покажав интерес. Разговаравме за тој проект, разговаравме и за улогите од старите претстави и се потсетивме како ги подготвувавме. Таа тука многу брзо премина на следната тема, дека сака да прави филм за сексуална злоупотреба, и ми кажа дека е долгометражен документарец што го режира во Америка. Ми понуди да учествувам во овој филм така што јас и таа ќе глумиме жртва и сексуален насилник. Ми покажа нецелосна верзија на текстот и ме замоли заедно да ја разгледаме, да ѝ помогнам да го изработи текстот“, вели Лечиќ во интервјуто.

Тој раскажал дека на средбата Даниела му рекла да си замислат ситуација во која се колеги, а тој сексуално ја вознемирува.

„Според нејзиното сценарио не требаше да делува дека ја силувам, туку дека ја гледам како сексуален објект и ѝ нудам секс во таа имагинарна врска. На крајот ѝ реков дека нема да играм во тој филм за злоупотреба, на кој таа веќе работеше. Немав време за тоа, бидејќи веќе имав работа и не ми беше предизвик. Тогаш не знаев дека го снима муабетот, а да ме прашаше дали може да снима, секако ќе ѝ дозволев“, вели Лечиќ.

Откако Даниела го снимила нивниот разговор, во кој Лечиќ наводно потврдува дека ја злоупотребил, тие повторно се сретнале во „Ателје 212“. Спооред глумецот, тие и таму на кратко зборувале за филмот.

Според адвокатот на Лечиќ, Даниела  до ‘Њујорк тајмс’ доставила снимка од 77 минути, од вкупно 90 колку што снимила. Целата снимка потоа ја доставила до обвинителството и до полицијата во Белград, а вештачењето утврдило дека снимката е сечена, изменета, монтирана и дека има многу нечујни и неразбирливи делови.

„Тој разговор никогаш не се случил така, и не континуирано. Таа вадела и преместувала делови, има скратени реченици и што е најважно, недостасуваат најважните делови од позадината и природните звуци што се слушаат во некои делови од разговорот. Почетокот и крајот“, рекол адвокатот.

За потсетување, глумицата која се прослави со улогата на Маринела во филмот „Ивкова слава“, пред една година откри дека ја силувал моќник од српската филмска индустрија. Таа во март годинава кажа дека човекот што ја силувал е актерот и поранешен министер, Бранислав Лечиќ.

 

Scroll to Top