Дарко Лазиќ синоќа е итно опериран поради внатрешно крвавење што му го отежнало дишењето, пишува „Блиц“. Новата драма во болницата почнала во неделата вечерта.
Лазиќ се пожалил дека има проблем со дишењето, па лекарите откако му ги снимиле белите дробови забележале дека се полнат со крв.
Семејството е известено дека Дарко мора веднаш да оди на операција. Хирурзите му го пунктирале белодробното ткиво и од белите дробови извлекле две литри крв.
Здравствената состојба денеска е подобрена, а лекарите соопштија дека во попладневните часови хирурзите ќе извршат уште една пункција.
Дарко Лазиќ првпат беше опериран два дена по сообраќајната несреќа на 25 октомври, кога му беше извадена слезината и запрено внатрешното крвавење.
Утре Лазиќ ќе подлежи на уште една операција на бутната коска и колкот. Двете места за време на несреќата претрпеле исклучително тешки повреди.