Џеј Рамадановски секој ден купува храна за сиромашните: „Знам како е да живееш во беда“

Пејачот Џеј Рамадановски секој ден остава храна за сиромашните во Белград, но не сака јавно да зборува за својата хуманост. Дека им помага на тие што немаат, откриле вработените од една пекара во Белград, кои на медиумите им раскажале дека Џеј со месеци од рани зори купувал сè што останувало непродадено од печива низ пекарите и им го давал на оние што немале леб. Ова, велат го прави оти знае како му било кога бил сиромашен, па не сака никој да живее на тој начин.

„Секогаш пред крајот на смената, околу два по полноќ, а во некои пекари околу пет, Џеј доаѓа и купува сè што останало. Го дели тоа што ќе го купи по ќесиња и ги закачува на контејнерите. Потоа доаѓаат сиромашни луѓе и ја земаат храната. Тој често купува храна за сиромашните и во текот на денот. Дури и кога беше болен не се откажа од тоа, само што други ги закачуваа торбите, а тој плаќаше“, рекле од пекарата, а потоа и Џеј потврдил.

„Јас секогаш ги честам луѓето кои немаат, не само јас, туку и моите драги пријатели од Дорќол. Секогаш помагам колку што можам, за оброкот, за основите. Се сеќавам како беше порано, кога живеев во беда, па сега им враќам на сите. Во периодите кога настапував во ресторани, одев позади кај оние кои миеја или кај чистачките, па им го давав целиот бакчиш. Музичарите ме караа, но јас велев, епа ако им давам. Секогаш велев ‘сиромаштијо, и на Господ си му тешка’. Сакам да помогнам“, рекол Џеј, кој поминува многу време изолирано поради пандемијата.

„Не одам скоро никаде, разговарам со моите пријатели од Виена преку компјутер, моите деца доаѓаат и тоа е. Ќерката Ана ги чува децата, не знае каде е лево, а каде десно од хаосот“, додал тој и рекол дека едвај чека пак да запее.

Scroll to Top