Новиот албум на босанскиот бенд „Дивље јагоде“, наречен Jukebox, ќе биде промовиран во Скопје на 26 февруари во 13 часот. На промоцијата, што ќе се одржи во Avalon Music & Ticket Store, фановите на „Јагоде“ ќе може да се дружат и со основачот на популарниот бенд, Зеле Липовача.
„Сè што сонував како момче и тоа што требаше да биде неисполнета бајка, стана реалност. Значи, чуда се можни! По 40 и кусур години, албумот Jukebox не е големо, но тој е секако мало чудо“, вели Зеле, кој во својата кариера ги напиша и песните „Криво је море“, „Једина моја“, „Не желиш крај“.
Албумот е работен речиси две години, а во тој период бендот издаде четири синглови. Новиот албум е спој од нови песни и преработки на неколку нивни хитови. Издавач е „Кроација рекордс“.