Пејачката Татјана Камерон Тајчи е заљубена две години по смртта на сопругот Метју Камерон, пишува хрватскиот магазин „Хелоу“. Таа е наводно во врска со американскиот музичар Дејвид Ленглеј, со кого сними дует за Денот на заљубените. Видеото од песната таа го сподели на „Фејсбук“. Пејачката претходно објави и заедничка слика со Дејвид, но не ја потврди врската.
„Најдете некој со кого ќе можете да се смеете. Ќе ве заздрави. Тоа нека биде некој што добро ја познава болката, затоа што ќе знае кога е време за смеење, а кога треба да ве остави да тагувате. Дејвид, ти благодарам“, напиша тогаш поранешната евровизиска претставничка.
Претходно, Тајчи осумнаесет години беше во брак со Метју, кој почина од рак на белите дробови на 47 години. Болеста му беше дијагностицирана во последниот, четврти стадиум и не можеше да се лекува. двојката има три сина.
Тајчи беше една од најпопуларните југословенски пејачки на почетокот на деведесеттите години. Се прослави со песната „Хајде да лудујемо“ што ја испеа на Евровизија 1990 година, сними албум, а потоа, во 1992 година се пресели во Америка и се откажа од кариерата.