Еднаш се живее: Ацо Пејовиќ растури во Скопје, урна рекорд со публика и направи концерт за паметење

Со легендарната „За Лилјана“ Ацо Пејовиќ го започна концертот во Скопје, но по сите калкулации, тој вчеравечер го урна и рекордот на посети, со 12.000 лица во салата. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ беше премал за да ја собере целата публика. На трибините немаше празно столче, тепачки за место беше и пред бината.

Атмосфера каква што имаше на вчерашниот концерт, не се памети во последниве две години откако започна пандемијата. Сите присутни ги фрлија маските и се препуштија на уживање. Кога не пееше Пејовиќ, публиката ги продолжуваше стиховите на неговите хитови.

„Еднаш се живее, зар не?“ ги праша присутните, по што го испеа истоимениот хит од пред дванаесет години.

Постарите хитови дупло повеќе ја вжештија атмосферата во салата. Сите кои имаа платено столчиња, речиси и да не седнаа за време на концертот. Публиката, беше фасцинирана од „Полноќ“ на Тома Здравковиќ, за чиј препев Пејовиќ кажа дека му е особено задоволство и чест. Тој посвети и неколку песни од бината, меѓу кои и „Ти го должам светот“ која е хит од пред девет години.

„Некогаш среќата се поигрува, има една прекрасна песна“ рече Пејовиќ упатувајќи посвета и го продолжи концертот со „Штета за нас“.

Концертот никого во публиката не остави рамнодушен. Многумина се потсетија на атмосферата на ваквите настани пред пандемијата. Долгите редици пред спортскиот центар, но и гужвата внатре направија за момент секој присутен да се оттргне од секојдневието.

Концертот го организираше „Балкан медија“.

фото и текст: Кристијан Ландов

Scroll to Top