Вчера на гробиштата во Белград беше погребан легендарниот кошаркарски тренер Душан Дуда Ивковиќ. На погребот присуствуваа семејството и голем број негови блиски пријатели и кошаркарски ѕвезди.
Меѓу нив пристигнаа и едни од некогаш најдобрите европски кошаркари и тренери Жељко Обрадовиќ, Владе Дивац, Дино Раѓа, Предраг Даниловиќ, Жељко Паспаљ и Јура Здовц. Тие го носеа ковчегот, а меѓу нив беше и најдобриот македонски поранешен кошаркар Перо Антиќ.
Тука беа и Василис Спанулис, Димитрис Итуидис, првиот човек на црногорската кошарка Никола Пековиќ и многу други сегашни и поранешни кошаркари.
За потсетување, Антиќ заедно со Ивковиќ беше во Олимпијакос, клуб со кој ја освои Евролигата во 2012 година. Славниот тренер почина во болница во Белград минатиот четврток, поради течност во белите дробови и херпес, а имаше 78 години.