(Фото) Во Србија промовирана нова поштенска марка со ликот на Новак Ѓоковиќ

Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, доби уште едно признание откога Поштата во Србија ги промовира новите поштенски марки со неговиот лик. Марката е дело на Бобан Савиќ, а на неа се прикажани Ѓоковиќ на тенискиот терен и неговите спортски успеси: 350 недели на првото место на АТП-листата, 7 пати број 1 на крајот на календарската година, освоени 20 гренд слем титули и 37 мастерс-турнири, 86 АТП-турнири, единствен што најмалку 2 пати ги има освоени сите гренд слем турнири – Австралија опен (9), „Ролан Гарос“ (2), Вимблдон (6) и УС опен (3), по Род Лејвер, кој е единствениот со 4 гренд слем титули во низа, 5 пати освојувач на завршниот мастерс на АТП-тур, бронзен медал на Олимписките игри во Пекинг, Дејвис-купот, АТП-купот и 4 пати најдобар спортист на светот.

„За Поштата на Србија е чест што можеме да го претставиме ова филателистичко здание посветено на нашиот најдобар спортист на сите времиња. Поштата како национална институција на овој начин сака да му оддаде признание и благодараност на Новак за неговите спортски успеси и за сè што има постигнато во јавната и во хуманитарната работа и за доброто што го прави за граѓаните на нашата земја и нејзиниот углед во светот. Покрај тоа, со заедничка работа, идеи и залагање, ќе настојуваме да придонесеме за подобар живот на нашите граѓани на сите полиња. Веруваме дека ова ќе биде единствената поштенска марка со која нема само да ги забележиме туку и ќе ги сочуваме неговите успеси за идните генерации, но и дека ќе придонесеме за да ги поттикнеме и младите да го дадат својот максимум во сите сфери на животот. Благодарност за Новак на честа што ни ја укажа со денешното присуство на свеченоста во музејот во ПТТ и во името на вработените сакам да му посакам многу успех во кариерата. Верувам дека неговата фондација и Поштата од денес ќе работат заедно за доброто на сите граѓани“, рече Зоран Ѓорѓевиќ, в.д. на Поштата на Србија.

„Ѝ благодарам на Поштата на Србија на оваа иницијатива и драго ми е што можам да дадам свој придонес во ова. Нашата фондација секој ден добива голем број писма од деца и нивните наставници од целата земја, кои имаат потреба од помош и поддршка во раниот развој и образованието. Ние сакаме да придонесеме во тоа и во наредните 10 години секое дете во Србија да има пристап до градинка и услови во кои ќе може да ги остварат своите сонови. Заедно ќе се трудиме да дојдеме до резултатите, а драго ми е што во тоа ни се приклучуваат сè поголем број партнери, меѓу кои и Поштата на Србија“, рече Новак Ѓоковиќ.

 

Scroll to Top